Барајќи прием во ЕУ после промена на сопственото име и поништување на својата историја, нелегалните власти одеднаш се најдоа пред затворената и заклучена врата на ЕУ. Утешна награда речиси и да немаше, освен ветување, од бирократите во заминување, дека евентуално би ни дозволиле да кампуваме во дворот на ЕУ. Францускиот претседател Емануел Макрон кој лично го запечати ветото за државата, која тој ја нарекува Северна, воедно најави дека влегувањето во ЕУ веќе не може да се изведе на брз и лесен начин. Одлуката беше неочекувана за многумина од политичките редови во Македонија, кои со идејата и ветувањето за влегување во ЕУ успеваа да се одржат на власт и да пропагираат состојба на понизност и послушност како возвишено поведение. Оние Македонците, кои сеуште не беа освестени, сега се најдоа во состојба на бунило.
Знаеме дека многумина заокружија “за” на оној однадвор изнуден референдум, со лажна надеж дека со оскрнавено име и идентитет земјата конечно ќе успее да влезе во ЕУ по брза постапка. За нив макроновото “не” стана судбоносно и погубно, затоа што според нив ЕУ и НАТО немаат алтернатива. А сега, актуелните владетели од двете политички опции повторно зборуваат за пресврт. Ако не во ЕУ, тогаш барем во НАТО ќе се протнеме до следното лето. Патем, Македонците со својот историски бојкот го поништија референдумот, извојувајќи една од ретките, но многу важна историска победа. Во суштина референдумот го забележува народното одбивање не само на срамните договори со соседните ни вазали туку и одбивање за зачленување во сојузи заради кои тие договори се случија.
Во меѓувреме, работите во Европа и во светот не стојат во место. Од почетокот на летово Макрон се појавува како нова и навидум сменета личност во европската политика. Само две недели после бриселскиот самит добивме директен одговор на сите наши прашања околу перспективите за ЕУ и НАТО. Во едно фантастично интервју за лондонското списание “Економист”, Макрон ни ги открива мотивите за неговите одлуки, поставувајќи ја притоа Франција во центарот на една нова, сеуште недефинирана Европа.
Макрон ја преиспита вредноста на НАТО, ја анализира состојбата во ЕУ и даде идеја како правец за иднината на Европа. Седејќи во својот замислен и посакуван престол, гледајќи се себе си како Бонапарта на 21виот век, изјави дека Франција е сеуште голема светска сила и единствена која може да ја спаси Европа која е на чекор од провалијата.
Според Макрон: “Европа заборави дека е заедница, се повеќе размислувајќи за себе си како пазар, а проширувањето како своја крајна цел. Ова е фундаментална грешка, бидејќи во основа ја намали политичката цел на проектот поставена уште во 1990тите години. Пазарот не е заедница. Заедницата е посилна: има смисла за солидарност, зближување и политичка мисла кои ги изгубивме.” Макрон ја гледа Европа како силен сојуз само доколку се реформира и се претвори во поефикасна демократска целина во која одлуките би биле донесувани со мнозинско гласање, а не со бескрајна координација и компромиси.
Во однос на Македонија пораката е повеќе од јасна. Македонија, каква што е сега, нема политички капацитет да биде дел од Макроновата Европа. Таа е само соседна земја и ништо повеќе, а со тоа не постои причина за отпочнување било каков процес за влегување во унијата. Според Макрон, давање на датум за пристапни преговори е бирократски процес кој сега е без цел, затоа што во моментов ЕУ се соочува со потребата од неопходни, длабоки и суштински реформи. Македонија ќе мора да причека за создавање на некоја нова ЕУ базирана врз нови економски, политички и стратешки основи. Доколку мислењето на Макрон надвладее, тогаш ЕУ, единствената зацртана опција за Македонија е во опасност да исчезне. Тогаш со што ќе не залажува сегашната политичка самонаречена елита за да излеземе на избори и повторно да ги гласаме?
Со своите зборови Макрон се повинува пред новата парадигма со која почитувањето спрема другите народи е условена од нивната сувереност. Макрон вели: “те почитувам затоа што си суверен”. Пораката е дека само суверени, исправени пред себеси и независни народи имаат капацитет да бидат еднакви со другите народи и со нив да градат заедничка иднина. Глобалистите пак од друга страна го подржуваат умирањето на народите и државите за да сите имаат само индивидуални права, додека сувереноста на народот како колектив ја предаваат на неолибералната корпоративна кабала предводена од грст светски претпријатија.
Макрон токму тука скршнува од патот на своите спонзори и од својата довчерашна стратешка ориентација. Тој самиот вели дека го признава ваквиот нов светски поредок и пристапува кон правецот познат во надворешната политика како реал политика. Наметнувањето на либералната демократија на остатокот од светот веќе не е цел нити на Макрон, нити на Франција. Со тоа француската и европската дипломатијата ја отворија вратата кон истокот.
Македонија каква што е денес не може повеќе да се препознае во новиот поредок затоа што не е повеќе ни суверена, ни самостојна, нити има почитување за себе и својот народ. Со тоа Макрон дава и нова димензија на своето историско “не”. Државите како Македонија не и припаѓаат на новата слободарска и суверена Европа и како такви се опасност за истата. Тие не се водени од сопствените народи, а со тоа постои реална опасност да бидат искористени од други земји кои би можеле да ја загрозат Европа.
Друга причина поради која датумот за преговори веќе не е реална можност за Македонија е нејзиното соседство, кое продолжува да биде опасно по безбедноста на Европа. Макрон сепак не ја гледа Македонија како опасност самата по себе. Најголемата опасност според него е Босна и Херцеговина за која вели дека е темпирана бомба. Албанците ги има во премногу други држави за да бидат оставени настрана во проширувањето. Макрон кажува дека Македонија заради овие причини едноставно не може да се издвои во процесот на проширувањето. Со тоа пропаѓа предходната порака од разните бриселски високо чиновници кои го опишуваа пристапот кон ЕУ како лежерна регата во која сите едрилици се движат со своја брзина кон целта. Макрон стави крај на тоа размислување.
Најцитираната изјава на Макрон од ова интервју е изјавува дека НАТО е клинички мртво т.е. неефикасно во стратешка и политичка смисла. Последната кризата во Сирија е најсвеж пример за тоа како секоја членка на НАТО може да дејствува независно од одлуките на самиот воен сојуз. Имено, пред неколку недели Турција изврши класична агресија на Сирија, која агресија не беше поддржана од членките на НАТО, но тоа не ја спречи Турција да го окупира северот на Сирија.
Со НАТО на смртна постела, Франција оди кон создавање на нов воен сојуз, кој ќе се заснова исклучиво врз европски сили и исклучиво само за заштита на земјите членки. Според Макрон, основачите на новиот воен сојуз треба да бидат земји кои гледаат закана од Русија и скептицизам кон сегашниот НАТО сојуз. Тука се спомнати Финска и Естонија. Македонија нема причина да стравува од Русија или од Кина, но има постојани закани од соседните земји кои се членки на НАТО. Со други зборови, НАТО ни нуди заштита од непостоечки безбедносни закани, а притоа не е способна да не заштити од нејзините сопствени членки. Па така, доколку Македонија влезе во НАТО, Македонците ќе бидат во нефункционален сојуз со поминат рок на употреба.
Но зарем не е необично еден заколнат неолиберал, каков што е Макрон, кој со своите неолиберални политики доведе до појавата на Жолтите Елеци, сега да зборува за сувереност на народите и нивните држави? И зошто Макрон така неусетно и невино престана да ја спомнува ЕУ во својот говор? Ако НАТО е на смртна постела, дали ЕУ е веќе мртва за Макрон? И дали со неговата изјава дека себичниот национализам нема повеќе место во идната Европа, заговара соединување на европските држави во една , европска држава? Или ова е можеби некој нов трик на Глобалистите, а Макрон нивниот Худини! Како поинаку да се објасни почитувањето на сувереноста на народите од една страна а да не се почитува “себичниот” национализам од друга? А Русија? Така слаба сила, со демографски дефицит и мала економија, како што ја опишува Макрон и советува да го земе примерот на Франција и да почне да увезува население без национализам и љубов кон татковината. Па зошто да не! Тоа е универзалната алатка за уништување на суверенитетот и интегритетот на државите.
Во своето интервју Макрон всушност само ја кажува долготрајната француска визија за единствена Европа, концентрирана на континентот и предводена од Франција. А таа визија може да стане стварност доколку Британија излезе од ЕУ, а САД да крене раце од Европа. Дали е тоа можно? Шансата за својата визија ја добива со издвојувањето на Британија од ЕУ и од незаинтераноста на САД да ја поткрепат досегашната англосаксонска визија за Европа како економска зона без политичко и стратешко единство.
До кога Макрон ќе го држи новиот став е неизвесно. Веќе постојат индиции дека тој зборува од позиција на се послаба сила. Русија од своја страна неодамна го повика заменикот на Кинескиот претседател за економија на кратка средба во Москва како начин да го искаже ставот спрема понудата на Макрон за поблиска соработка помеѓу Франција и Русија. Во своето излагање рускиот претседател Владимир Путин нагласи дека Русија нема поблизок сојузник од Кина и дека тоа партнерство не е само блиска билатерална врска туку и значаен чинител во меѓународната политика. Со други зборови, Путин ги одби приодите на Макрон за привлекување на Русија кон Европа.
Посакуваната длабока реформа на ЕУ и одвојувањето од НАТО се еднакво нереални цели. Тие нема да се остварат без поголемо геостратешко поместување на големите сили во Европа. Такво поместување (наместо реформи) е поверојатно да доведе до потполно исчезнување на двете организации.
Со своето отворено размислување Макрон ја отфрли европската перспектива на Македонија и ја разоткри јаловоста на правецот заземен од македонските политички елити. Сакале тие елити или не заблудата за ЕУ и НАТО е веќе надмината кај Македонците. Макроновото “не” за датумот и неговата осуда на НАТО би требало да стави крај на сите планови за членство и во двете организации. Дури Макрон и да се премисли, враќајќи се во својата неолиберална кома, тоа не значи дека светот не е сменет и дека предупредувањата за пропаста на ЕУ и за укинувањето на НАТО не се реални.
Сите знаат дека во Македонија постои ненародна власт, насилно укинат устав и полициски контролирана ненародна држава. Освен неколку колумни и контакт телевизиски емисии речиси и да не постојат подлабоки анализи на Макроновиот нов светоглед. Ако се прочитаат пораките што ни ги испраќа, јасно е дека час поскоро треба да го прифатиме новиот суверен светоглед. Треба да ја научиме, како што вели Макрон, граматиката на сувереноста и општиот интерес на нашиот народ.
Нам ни следи преродба во дефинирањето на македонскиот интерес, неговиот правец на дејствување во оваа европска криза и градење на визија за иднината на македонската држава. Тоа секако го вклучува враќањето на Македонизмот како историско наследство на македонскиот народ. Тоа секако предизвикува славење на се што е Македонско во нас и околу нас. Следи и враќањето на самодовербата и знаењето кое го имаме изгубено.
Тоа не ги вклучува партиите кои сега се спремаат за повторна власт без народот и неговиот интерес. Тоа со сигурност не ги вклучува ни ЕУ ни НАТО како наша определба затоа што тие никогаш не биле компатибилни со Македонските вредности. И не тагувајте за Макроновата Европа премногу. Ние Македонците не сме ја наследиле Европа, таа не наследила нас.
Конечно, треба да веруваме дека длабоко во нас носиме посебен историски код кој е единствената гаранција за нашата иднина. Ние не мораме да бидеме Европа затоа што сме биле, сме и секогаш ќе бидеме Македонија. Во тој поглед, можеби Макрон ни остави како нова определба нешто од огромна важност, не остави безусловно да трагаме по единствениот пат кој треба нешто да ни значи, а тоа е нашиот пат. Благодариме Макрон што ни ги отвори очите.
ПОРАКАТА НА МАКРОН, ИДНИНАТА НА ЕВРОПА И МАКЕДОНСКИОТ ПАТ
Колумна Игор Силјаноски, член на ИО-Родина
https://www.rodina.org.mk/pristapnica/
Ви се Допадна Написот? Крши ја Цензурата и Осенчувањето на Социјалните Мрежи, Добивај Директно Коложег.Инфо!