Северна: Проект на Европскиот Фашизам – Ефтим Клетников!
Сподели на социјалните платформи:

 

Сум пишувал често за европскиот или, во современа варијанта, евроамерикански фашизам. Знаеш, драг читателу. Особено по повод западниот идентитетски геноцид врз Македонците во Преспа 2018. Тоа е важна перманентна тема за нас, оти ако ја баталиме неа, тоа е срам и грев. Тоа би значело дека сме се помириле со смртта во која нè фрлиле.

Сега, пак, на поширок план темата на западниот фашизам ја актуализира и годинашниов јубилеј 75 години од американските атомски бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки во август 1945 година. Чин со кој на местото на поразениот Хитлеров, германски, на светската сцена се искачи американскиот фашизам. Хари Труман, чија ментална структура со тој варварски чин не се многу разликува од таа на германскиот фирер, се гордееше со тоа и во психата на Американците го всади силното чувство за светскиот супрематизам на нивната нација, на која ѝ е дозволено сè. Ѝ е дозволено и понатаму да го третира светот како Хирошима и Нагасаки, како длабока држава што стигнува насекаде со раката на смртта за свој материјален или каков било друг вид бенефиција: од Блискиот Исток, кој го спепели до Авганистан, и од Авганистан до Украина, Србија, Македонија…

Црниот Нобелов „миротворец“, црната дамка на прекрасната црна раса, која јас ја обожавам, драг читателу, Барак Обама што уби стотици илјади цивили низ светот, како американски претседател дојде на местото на злосторството, ја посети Хирошима, но не им се извини за него на Јапонците, како што го направи тоа во Аушвиц Вили Брант кон Евреите. Колку да се знае дека Империјата не се извинува, оти злосторството е, како и што се покажа во практиката, нормална агенда на нејзината политика. Но, и покрај тоа, најголемиот парадокс, вие морате да бидете нејзин пријател, каков што е случајот и со нас Македонците, кои знаеме дека Вашингтон е главниот промотор за Преспанскиот, а потоа и на бугарскиот договор и тиранската платформа, трите чекани за наше дробење и идентитетско уништување.

Тоа е вистината, драг читателу, по овој нужен вовед, за новиот фашизам на Западот по Хитлер, кој, како што вели генералот Камингс од романот на Норман Мајлер „Голи и мртви“, е повитален од оној на Германците, кои според него, за разлика од Американците, не се доволно способни и витални за таа уметност. Ние Македонците, наивни, мислевме дека бранот на тој неофашизам нема да нè допре со фактот дека сме во Европа, божем лулката на модерната демократија во светот. Ама не нè одмина тој црн ветер. Сум пишувал доволно за тоа, ама тоа е перпетуум мобиле, мôра за нас. Варијација на иста тема. Оти ако некој од Македонците, а има доста такви изроди, не ја чувствува како јанѕа на своето колективно битие неа, тој и не ѝ припаѓа на сортата на nomo sapiens што е омозган и опремен со ’рбет и емоции, туку ѝ припаѓа на некоја друга сорта од зоосемејството на влечугите на Галапагос.

Тоа. Туку од кај доаѓа таа канибалистичка страст за ништење на Македонија и Македонците, како од нашите околни соседи, така и од Брисел и Вашингтон: Оти тоа што се случи во Преспа пред две години не е ни најмалку случајно, иако е завиткано божем во целофанот на некојси цивилизациски потфат за просперитетот и среќна иднина. Не, драг читателу. Тоа е понапред резултат на една супрематистичка шизофренија на големите западни демократори и демократури што го претворија денес светот во сликата на римскиот колосеум на Нерон и Калигула. Оти и Јунг и Тен и некои други што се занимава со психологијата на колективната душа на еден народ, но и на цели раси, па и епохи (Тен) укажаа, ја дијагностицираа патологијата на супрематистичкото его, чија болест под маската дека сака да го оздрави и постави на здрави нозе светот, него го ништи и урива. Всушност, по долгата империјална моќ, кантовски речено, како што е тоа случај со Европа, а и со Америка, која е нејзино англосаксонско копиле, се стигнува до еден вид априористички генетски структуиран рефлекс за апсолутна ариевска превласт и играње со судбината на послабите од нив.

Тоа што го говорам може да ти изгледа како метафизика, драг читателу, ама не е, туку е болна реалност. Оти ако не е така, од кај извира тој толку голем, неверојатен анимозитет на таканаречената демократска цивилизација на Западна Европа кон толку многу малечката, мирољубива и столчена со безброј историски рани Македонија? А? Случајно ли е тоа, драг читателу? Не! Но со тој неверојатен феномен, за жал, никој од македонските историчари, академици, антрополози и психолози не се позанимавал посериозно, да го расветли и објасни докрај. Велиш: МАНУ. Не.

Тие таму, покрај брегот на Вардар, во удобните егзистенцијални фотелји, исто така, никогаш посебно не се позанимавале како што треба со ова трауматично, а и „опасно“ прашање. А нашите академици не се подготвени за опасност, иако Хелдерлин вели дека таму кај што е опасното расте и спасоносното. Тие не се способни како Емпедокле да скокнат во кратерот на Етна. Тие едноставно спокојно ја преспаа, како мечките во зимски сон, нашата идентитетска ликвидација. Од тој мртовечки сон го изземам Блаже Конески, кој и во гробот бдееше, бдее и ја боледува раната на Македонија и Македонците. Во тоа сум апсолутно сигурен, и никој друг туку само тој може да ги извлече од вагата на страшниот суд горе за гревот кон колективот нашите нимбусирани академици.

Тоа е посебна тема за анализа на хипокризијата и фарисејството на интелектуалниот ум. Туку да се вратиме на генезата на анимозитетот на западната европска цивилизација, сега амалгамизирана и со американската по крвна родствена линија, кон Македонија, Македонците и македонизмот како духовна струја на нивната меморија и културно-цивилизациско благо како влог и во светската цивилизација и култура. In medias res, тој анимозитет не е од вчера и современ, туку има длабоки антички корени, уште од времето на Александар Македонски и неговата светска империја на народите од Пела до Хималаите на исток и до пирамидите на Египет на југ. Империја на еднакви и суверени народи, со сопствен идентитет, богови, традиција и култура. Империја во која првпат е укинато ропството, кое уште владее во Атина, која сенилна Европа ја смета за извор на демократијата. А не е. Империја во која Аристотел, Македонецот од Стагира, и неговиот ученик Александар Први во светот го заведуваат како правен кодекс со царски печат „природното право и правото на народите“.

Тоа што, имено, парадоксално во Преспа им беше одземено на нивните генерички наследници Македонците. И во што е всушност работата? Пак се враќаме на генезата на анимозитетот кон сега веќе столченото (Конески), та докрај дотолчено племе. А во неа е одразена како кристал сликата на судирот на две концепции и визии на владеење со светот: македонската и римската. Сум пишувал и за тоа, драг читателу. Македонската концепција е космополитска што нуди еднаквост и разбирање меѓу народите врз принципот на љубовта, и како таква е претслика на христијанството што доаѓа со Спасителот потоа. Ако се земе предвид тоа, и не е воопшто случајно што најревносниот Исусов апостол Павле е, имено, по божја промисла испратен во Македонија, од каде што ѝ е понудено за причест новозаветното вино на канибалистичка Европа.

Но, и покрај тоа, таа не се откажа од темниот канибалистички слој на својата потсвест што го проектира во „свест“ за демократија и просперитет на светот. Како и Сатаната, и таа со христијанството се послужи за свои лични прагматични цели. Залудно изгради толку многу студени велелепни катедрали во кои, бидејќи не е глуп, Бог не сака да престојува. Имено, тој залегнат темен варварски слој на психата, која не ја разбира и прифати Радосната вест што ѝ беше пренесена како штафета од Македонија, излезе на површина и Европа него маестрално го демонстрира како факт во двете светски војни. Умниот космополит и генијален германски писател Томас Ман, имено, како да го дијагностицира уште еднаш тој темен синдром на Западна Европа кога по навршувањето на Втората светска војна рече: „Хитлер е победен, но не и фашизмот“. Пророк.

Па, и не му беше многу тешко на Ман да ја даде таа дијагноза. Оти тој виде дека модерниот свет на Западот ја обнови сликата на римскиот колосеум, сатурналии и други светли и темни, многу темни обредни свечености на римската цивилизација. Неа Западот едноставно ја фотокопира. Ја фотокопираа неговите нови нерони и калигули. Оти не случајно во таа смисла и Европа не ја побара својата културно-цивилизациска генеза, на пример, во јудеохристијанската цивилизација, како што мислеше пак Томас Ман, туку во Античка Грција. Од психоаналитички фројдовски аспект тука пак се работи за некои залегнати талози и архетипови во потсвеста, а тоа е, како што веќе нагласивме, потсвесно приклонување кон паганскиот, а не кон христијанскиот ерос на љубовта, правдата и вистината.

Имено, затоа Европа и никогаш не била христолика, туку атеистичка и безбожна. Додуша, во некои и подолги периоди, како што се тоа на пример ренесансата и просветителството, таа успевала на еден сјаен начин да го сублимира, односно трансцендира својот темен пагански ерос, но потоа пак ѝ се враќала на деструктивноста, на нејзиниот колонијалистички (римски) порив за владеење на туѓи народи заради материјална придобивка, при што заслепени од бескрајната материјалистичка лакомост дури и нејзините силни нации се насочувале една против друга.

Оти кој е главниот цивилизациски изум со кој, за жал, се гордее европскиот Запад? Тоа е либералниот капитализам со сомнителна демократска маска и слободниот пазар, кој требаше да им даде иницијатива на способните и креативните во областа на економијата и производството. Така. Арно ама многу бргу тој цивилизациски западен изум се изроди во канибализам за профит. Општествениот и социјалниот дарвинизам го покажа своето најсурово лице. Тука целосно се извитопери филозофијата на Ничеовата волја за моќ и неговиот натчовек. И, конечно, до што доведе тој изум, прашуваш драг читателу?

До поделбата на многу богати и многу сиромашни, до колонијалистички походи и спроведување од страна на богатиот европски Запад на многу геноциди, асимилации и културоциди низ светот. На крајот доведе и до двете светски војни, Првата и Втората, кои се пак последица на темниот римски нагон на западната цивилизација за материјален профит. Но и по таквите големи катастрофи, тој нагон на западната обезбожена колективна душа не е ни исчезнат, ни сублимиран во некој вид нов хуманизам за еднаквост, братство и љубов меѓу народите. Напротив, сведоци сме на новите деструкции врз одредени региони на богатите од Западот во светот. Доволна е во таа смисла, да не одиме потаму, разорената пеплосана слика на Блискиот Исток, кого Американците, но и со час отворена час прикриена поддршка за личен профит на нивните моќни, иако импотентни кон нив (освен Британците) европски партнери.

Тебе сега ти изгледа дека се оддалечивме како во прашума од главната тема на нашата колумна, драг читателу, но не е така.

Сето тоа е контекст во нејзиниот сложен мозаик. Значи, воопшто, во потрага сме по одговор на прашањето од кај е тој толку голем анимозитет на Европа, та посегна дури и идентитетски да ја ликвидира, да ја откорне од нејзината меморија Македонија и да ја стави како пепел од која е украден огнот во мртовечка урна. Како што ѝ го стори тоа во Преспа пред две години. Рековме, и тоа е важна појдовна точка кон одговорот, Европа од двата типа на владеење, македонскиот и римскиот, го избра овој вториот. Модел на владеење со железна сила и волја, кои не трпат спротивставување, наместо македонскиот модел на владеење со љубов и меѓусебно разбирање на народите со целосно почитување на нивните идентитети, традиција, религија и култура.

Тоа беше изумот на Александар Македонски и неговиот учител Аристотел, Македонец од Стагира, чија основа е космополитизмот, социјалната, културолошка и секаков друг вид правда. Нешто што залегна и како онтолошки код во македонската психа, а потоа се предава по генетичка линија на поколенијата. Но како што ќе се покаже потоа, космополитизмот го слабее пламенскиот нагон за затворање и одбрана на својот национ. Нешто што ги чинеше скапо Македонците, па низ столетијата лека полека доживеаја редица историски погроми, за на крајот да ја дотераат работата до ова дереџе до кое се сега како смачкано племе (Б. Конески), кое во Преспа се досмачка.

Лека пoлека се склопува мозаикот. Па и богомилството како побуна против хиерархизираната, подржавена и фарисејска црква го пронесе  името од Македонија низ Европа до Атлантикот на запад императивот за враќање на првоапостолскиот морал и етика за богољубие и социјална правда, за што неговите следбеници беа по кратка постапка уништени од Католичката црква и богатото европско племство. Последната битка на живот и смрт се води во Монсегур во јужна Франција. Тоа е тоа, драг читателу. Оти рековме, Европа лицемерно ја прими новозаветната причест од Македонија, понудена од апостол Павле и Лидија Македонката, и никогаш не стана христолика. Нејзе катедралите и’ се само маска, и со црквата се служи онака како што се служи со неа Сатаната.

Како што е тоа во “Легендата за пеколот” на Лав Николаевич Толстој во која малото ѓаволче му реферира на Велзевул за изумот за детронизирање на христијанството. Му вели: Ја измислив црквата”. За таа своја легенда генијот од Јасна Полјана беше анатемисан од синодот на Руската православна црква и таа анатема од суетните попови нему до денес, и по неговата смрт не му е повлечена, иако неговото уво го боли за тоа. Уште поексплицитен и аналитичен е Достоевски во “Големиот инквизитор” во Браќа Карамазови”. Во него е дадена орвеловската слика на Католичката црква како архетипска за модерната западна цивилизација кон која тој не без причина како и Толстој имал анимозитет. За утеха на Европа за неа се’ најубаво мислел еден друг руски гениј: Иван Тургењев.

Сега алузивно доволно јасно се доближуваме и до уште една причина зошто е, имено, Македонија трн во окото на Западот со целокупното културно-историско благо и искуство, почнувајќи од Александар Македонски, па преку христијанството и потоа со постхристијанската просветитетлска епоха, се’ до денес. Оти цивилизација на љубов, космополитизам и социјална правда, на христоликост, што ја практикуваат Македонците од антиката наваму не се вклопува во римскиот цивилизациски концепт на Европа.

Оти многубројни се и не цивилизирани, далеку од духот на културата и хуманизмот некои нејзини, а што не се малку, геноцидни потфати низ Земјината топка, почнувајќи од Индијанците во Америка до Абориџините во Австралија итн. Во тоа како што се гледа предничи железно рационалната со емотивен и хуманистички дефицит англосаксонска раса, до бескрај виталистичка, никогаш меланхолично, котеплативна и емотивно хаосна како словенската.

За тоа нешто доволно експлицитно, драг читателу, стана збор и во претходната колумна посветена на македонскиот убиец, меѓу другото, британскиот надмен и суров лав Винстон Черчил, архетипска слика на англосаксонската супрематистичка раса, чие оличение се имено Британија и тој. Или тој и Британија, Сеедно. Исто е тоа. Постојат очигледни факти што ја потврдуваат оваа за некого произволна, дури и езотериска теза, која тој би ја свел на нивото на празна хипотеза. Но не е така, бидејќи се работи за злосторства против човештвото, кои не можат да се скријат.

Иако Западот се обидува тие злосторств да ги скрие, или ублажи со тезата дека тој ги цивилизирал и култивирал дивите и заостанатите, создавајќи од нив, како што би рекол перфидно Черчил, “стабилни системи”: почнувајќи од американските Индијанци и австралиските и новозалндските Абориџини, кои веќе речиси ги нема, или се држат како раритентни sверки во резервати, па се’ до Македонците сега исто така ставени под строга експериментална контрола во западниот евроамерикански резерват. Тоа е тоа. Да не зборуваме уште за таквите “цивилизациски” погроми на западните неолиберални “демократии” и по другите места во светот, во Јужна Америка, Азија и посебно кај Црнците во Африка, најбожествената раса и најубавиот континент, кого евроамериканскиот запад го престори во ловиште на лавови и луѓе, робови, обновувајќи ја (потсвесно ли пак?) и тука како во Македонија во Преспа сликата на римскиот колеум на Нерон и Калигула.

Туку, за се’ ова, за сите геноциди и културоциди на гордата западна неолиберална цивилизација, драг читателу, ти можеш целосно да се информираш во книгата на сјајниот француски  антрополог Луј Вансен Тома “Антропологија на смртта”, на која не еднаш досега сум те упатувал. Тој сјаен Французин, кој ни најмалку не личи на Маркиз де САД, на Робер Бадинтер, неговиот закон со геноциден мирис подготвен за Македонците, и на нашиот шармантен Тимоние, имал доблест акрибично да ги набележи и сјајно коментира геноцидните злосторства на арогантната западна цивилизација. Робеспјеровски праведно и точно. Така. Иако Европа перфидно и перверзно се обидува да ги покрие своите злосторства од тој тип. Притоа таа за таа цел честопати се служи со добро испробаниот и понекогаш многу ефикасен метод: замена на тези.

Така, таа на пример, меѓу двете, а посебно по Втората светска војна ја фрли во оптек тезата дека гулазите на Сталин се руски изум, што е елементарна глупост, а за да ги скријат своите гулази. Првин гулазите на Британците со Индијанците во Америка и Абориџините во Австралија. А тука во заднина се Французите. Шпанците, пак, пред сите нив си ја завршија работатта со целосна ликвидација на три сјајни јужноамерикански цивилизации: Маите, Инките и Астеците. А тука се и заборавените тивки и мирољубиви Толтеци.

А најсовремен, пак, можеби најеклатантен пример на ставање на Европа на своите злосторства под тепих е примерот со забошотување на фашизмот од втората светска војна, кој како што се покажа и од фројдовска гледна точка на потствеста не е само германски, хитлеровски, како што му е во пропагандата пласирано тоа на светот, туку е всушност изум на темниот европски супремациски нагон за владеење со останатиот “непросветлен” и “варварски” свет, плус нагонот за бескрупулозно материјално богатење по секоја цена за што сведочи бескрајната низа на европските сурови колонијални походи и ограбување на цели народи под претекстот дека ги култивираат и внесуваат во цивилизациски “стабилни системи” (Пак неизбежниот Черчил). И како се обиде Европа да го  стави под тепих својот фашистички нагон,кој не е само германски, изолиран, и кој и сега во Преспа во Македонија го демонстрира, преоблечен во нова божем пософистицирана цивилизациска облека, ама јасно и повеќе од јасно препознатлив.

Тоа го стори на тој начин што Денот на победата против фашизмот го преименува во Ден на Европа. Што всушност се сугерира дека Европа, а не некој друг (ајде, и заедно со неа)  учествувал во победата над ова и денес актуелно зло. Добро. Ајде, ние Македонците во споредба со сите, имавме еден  грст жртви, оти сме и сведени на грст како народ, ама Русите бре брате имаа над 27 милиони жртви и први влегоа во Берлин и го закачија руското знаме на Рајхстагот. Па може ли и тоа од Европа перфидно и перверзно да се негира, без разлика што таа Русија и денес заедно со американските каубои, сака бескрајно да ја оддалечи неа од Стариот Континент, туркајќи ја најглупаво (а то ќе и’ се  освети како што пророкуваат  и Достоевски и Блок) кон Азија.

И се’ тоа, драг читател, добро го прави и камуфлира Западот, кој меѓу другото ја измисли и порнографијата за “ослободување” на личноста, групниот секс и редица садомахозохистички перверзии преточени во цивилизациски обредни свечености, прејадени од натрупаното колонијалистичко богатство под изговор  дека добро и праведно функционира нивниот генијален дарвинистички изум: слободниот пазар. Па така во име на перверзната демократија на Брисел, ама под невиден притисок за влез во нивното морално атрофирано семејство, се појавија на сцената на од него “примитивниот” Балкан и на други места, кои сакаат да бидат дел од таа аристократска цивилизациска елита, геј и лезбопарадите на гордоста што е оксиморон. Да бидеме горди на тоа што сме геј и лезбијки? Што не ни се допаѓа планот на Господ за нас?

Мое, пак, лично мислење тука, драги читателу, е дека бриселските политидиоти со тоа не ја ослободуваат геј и лезбо популацијата од комплекс со таквите перверзни паради, туку истиот уште повеќе го зајакнуваат кај неа, и не се знае, според тајните и темни закони на психата кај, и каде ќе избие како обновен вулкан тој. Тука има и хуморни ситуации. Сега на ум ми паѓа примерот со чојска Црна Гора (најрусофилска, а прва скокна во преградките на НАТО), која неодамна за да ја покаже својата западна “цивилизациска” прогресивност, исто така, прва, ако не се лажам, на за Европа се’ уште варварскиот Балкан, го промовира на сет глас законот за геј и лезбо-браковите. Нема што. А да не ми побегна мислата, драг читателу, во овој цивилизациски коментар, таквите и сличните идеи на оние од Брисел не можат да бидат пласирани, дури и со закани со затворена врата за влез во Унијата, доколку оние од Европарламентот и Советот на Европа во Брисел не се такви, со килав и разболен ерос на homo balkanicus. Ни Фројд не може да и’ најде замерка на таа хипотеза.

Најпосле, по американскиот обновен по Хитлер фашизам со Хирошима и Нагасаки, еве го и Европскиот, кој не истраја многу долго. Само три години по победата над Хитлер, сега се случи со Черчиловите евроамерикански бомбардери полни со смрт кои се упатија од Лондон кон Егејска Македонија да им ја исчистат неа на Грците од Македонците и да се сузбие во корен комунизмот што се беше појавил тука. Оти Черчил патолошки го мразеше него, па сега не како антифашист туку како фашист застана  на страната на грчките монархофашисти на кои им помогна, убивајќи со напалм-бомби од пеленчиња до изнемоштени старци, да ги исчистат Македонците од родните вековни огништа, раселувајќи ги по белиот свет.

Така, со Черчил, неговите бомбардери и масакрот на Македонците од Егејот, драг читателу, значи, и се обнови европскиот фашизам. Речи го постфашизам, или неофашизам. Исто е тоа. И почна со Македонија и Македонците. Но дали и случајно? Се’ си мислам дека не, ако се следи текот на тој план со настаните на Европа околу “столченото племе” од Берлин 1878 г. Букурешт 1913, Првата и Втората светска војна па натаму, се’ до нашиот брутален идентитетски  геноцид во Преспа 2018. Ништење на еден  древен народ со неколкумилениумаска длабока генеза, од Јафет најмалиот син на Ное по потопот па натаму, за што сведочи и најважниот религиозен и антрополошки документ на Западната цивилизација, Библијата.

Што реши Европа во сојуз со Вашингтон, за да ја уништи меморијата на Македонците и за Македонците, кои и ако како што велеше Блаже Конески се столчено племе, сепак и такво од Беласица 914 наваму, макар и десеткувано во облик на крваво торзо, протејски се обновуваше и воскреснуваше. Што реши Европа за да го реши за неа низ столетија нерешливиот проблем со Македонија и Македонците? Се реши на исто така од неа добро испробаниот метод на ликвидација, која, парадоксално мислејќи дека тие што ги ништат се глупи, тоа како кај нас го прикажува и како цивилизациски чин. Совршена перверзија на западната демократура, чии темели многу подиректно од блазираните Французи ги постави Черчил веднаш по Втората светска војна, за што веќе пишував драг читателу.

Реши Европа да им го смени автентичното генеричко име на Македонците, суптилно, за да не се сетат Власите (Зошто Власите?), како што вели нашиот народ само со една смртоносна, како американските атомски бомби, во Јапонија придавка. Северна. Студена како смртта. Дури и повеќе од неа. Страшна перверзија на Вавилонската ороспија, како што ја викаше Европа прилепскиот генијален фолклорист антрополог, писател и терзија Марко Цепенков. Ороспија со космичка вагина, која и за многу други, освен за Македонците (за нив најмногу) се покажа, со јазикот на астрофизиката речено, како сингуларитет, црна дупка што шмукува се’ во себе создавајќи од огнот пепел. Во македонскиот случај со Преспа:и апсолутна мемориска смрт. Така го замислила таа тоа, ама се’ си мислам дека еден ден тешко ќе плати за тој грев. Оти господ нити ја напуштил, нити ќе ја напушти Македонија, а и Армагедон според сите знаци не е далеку.

А прашуваш што значи идентитетската смрт што ни ја стокми, под ретекст дека ни нуди цивилизациска среќа и иднина, Европа, драг читателу. Значи, со неколкупатната неколкумилениумска историска и културно цивилизациска меморија на Македонците, бидејќи сега генеричкото име, голата есенцијална јатка Македонија, им се предава во сопственост на патолошки омилените “лицем светци, срцем волци” (Прличев) Грци, неа, така огромна, Европа, како што вели Д.Х. Лоренс, по инерција ја трупа во отворената грчка вреќа во која е напикана и неговата омилена Етрурска  цивилизација.

Така е решен проблемот мо’ра за Вавилонската ороспија со Античка Македонија, што се тиска насилнички не само од Дројзен и германско-нордиската историска школа во рамките на хеленизмот, кои природно ги разбива и искокнува од нив таа, иако и денес тоа е догма на престижните европски универзитети како што се “Сорбона”, “Кембриџ” и другите. Сепак и таму има некои непоткупливи историчари и научници, кои го отфрлаат најголемиот европски Дројзенов фалсификат за Македонија и Македонците и ја говорат вистината. Така оксфордските професори Николас Г.Л. Хамонд Ф.В. Валбанк во нивната “Историја на Македонија” (“Оксфорд” 1988) категорички пишува дека “фамозната хеленизација всушност не постои и дека поправедно и поточно би било епохата која започнала со 334 г. пред новата ера, всушност со освојувачките походи на Македонците и нивните сојузници водени од Александар Трети Македонци во Европа, Азија и Африка, да не се нарекува хеленизам и да не се смета за хеленизација на Балканот, туку да се нарече македонизација на ареалот” (цитирано според Лидија Славеска: “Македонската генеза”, Матица Македонска, Скопје 2008).

Тоа е тоа, драг читателу. На Грција античкиот македонски културно-цивилизациски имот, а на Бугарите, како и Грците лакоми за туѓото, целиот средновековен, од Кирил и Методиј, Климент, Наум и Самуил па натаму сè до преродбенскиот XIX и првата половина на XX век, до АСНОМ, со што и Европа заедно со Бугарите (оти тоа го откри преспанскиот геноцид) ја извлече пак геноцидната теза дека Македонците се вештачка нација на Коминтерната. Боже мил! А името што го задржале во душата и свеста и покрај сите катастрофи и историски голготи тие, што е тоа? Е тоа, сепак, не може да се игнорира!

Затоа рекоа Брисел и Вашингтон, новите Римјани, фиданка на Нерон и Калигула, и нашите околни сатрапи, од кои сега еден од нив е внатре и диригира со нас, дека нема друго чаре, освен Македонците да се преименуваат и засекогаш да се збришат од историската и културно-цивилизациска меморија на светот. И така го сторија тоа. А за тоа ги најдоа, рековме понапред, како ефикасна алатка за притисок и Гегите на Али од 2001-та, плус, што е важно, македонските шарени и други изроди заседнати по невладините на Сорос и УСАИД. А пред сè она чудо и чудовиште од политичар од Муртино, кое е пак востоличено во ЕУ-амбасадорската свита кај нас, сега предводена од симпатичната, ама прецизно исполнителна, интровертна Кале Кејт, која, чудно, ниту можеме да ја чуеме, ниту да ја видиме, иако не е воопшто чумава како Бејли. Симнувам капа пред нејзината длабока интелигенција, драг читателу. Секоја чест.

Нам Македонците ни се префрла дека фантазираме со некаковси меѓународен заговор во врска со нашата трагедија. Но не е така, оти тој во нашиот случај е и повеќе од очигледен. Него го затскрива успешно фактот што сме мали и „безначајни“, но го открива истовремено и разголува фактот што имаме енормно голема историска и културно-цивилизациска меморија, која не се вклопува во западната римска шема на Европа и нејзиниот историско-цивилизациски фалсификат со Грција во која таа е патолошки вљубена како своја генеза, па како што вели Д.Х. Лоренс сè трупа бескрупулозно во нејзината цивилизациска вреќа. Па и обновата на европскиот фашизам со убивањето и протерувањето од родните огништа на Македонците од Егејска Македонија 1948 г. се вклопува во сликата на таа до бескрај лакома вреќа, исто како и Бугарската. И Черчиловите бомбардери, драг читателу, имено, се најновиот по Втората светска војна маестрален евроцивилизациски вовед кон Преспа 2018 г. А сè под изговор дека ни се нуди светла европска иднина, извлекувајќи нè божем од варварската балканска кал.

Арно ама и тука се лизна Европа кога оној политидиот од Брисел Хан му рече на политичкото чудо и чудовиште од Муртино да примениме балкански методи, за што побргу да се нивелира отпорот на народот и гилотинира во „просветителски“ европски стил главата на Името. И така и се случи тоа. Добро, ама и тука доаѓа до израз скриената потсвест што излегува на површина со она што се дефинира народски како „ишкање на мувата од капата“. Оти, на пример, од кај доаѓа изразот шовинизам што им се натоварува на Балканците. Пак негде од Европа. Од францускиот генерал Шопен. Па и поимот садизам, кој го применува таа како колонизатор, и особено сега во идентитетскиот погром на Македонците.

И тој е изум на еден Французин, Маркиз де Сад. Па дури и мазохизмот, кој, пак, доаѓа до германскиот барон Мазох. Оти Германците, за разлика од Французите и Британците навистина имаат нешто изразито мазохистичко во нивната психа. Најубаво го илустрира тоа нивниот вазален однос кон Американците по Втората светска војна што трае до денес. Ама тие пијат и од коктелот што е мешавина од садизам и мазохизам, што доведува до кентаурската синтагма садомазохизам. И тоа посебно дојде до израз, пак, сега, со македонската идентитетска ликвидација. Него на врвно ниво, имено, маестрално го демонстрираше фрау Меркел, која експресно ја посети Македонија не за економски да ѝ помогне, туку да помогне што побргу таа да се погребе идентитетски. Како и што се случи тоа. Со тоа таа наеднаш во полна светлина се покажа како некој вид пософистицирана инкарнација на нејзиниот фирер. Како ќерка или внука. Сеедно.

Еве. Доволно причини за идентитетска ликвидација на Македонците изнесовме, драг читателу. И повеќе од доволно, иако за тоа можат да се напишат барем неколку дебели томови. Но нашите индолентни академици и универзитетски фотелјаши немаат абер да го сторат тоа, притоа и со намера аналитички да ја разголат лажната слика за Европа како врвна демократска и хуманистичка цивилизација, како што во основа се претставува таа. Но долгиот вовед за кој ми забележуваш веќе и не е класичен вовед во главната тема. Во нашиот случај во овој есеј колумна тој е самата тема.

Дури можеме и тука да ставиме точка. Но мораме да дадеме и мала хронологија, преповторувајќи некои настани и факти, за македонската голгота, која според европската врвна математика би требало да е финализирана со Преспа 2018 г. И тоа само со една за нив безболна придавка северна. За нив безболна, ама за нас смртоносна. Во поновата историја таа хронологија, рековме, почнува со Берлин 1878 г., кој го отвора патот на пеколот за Македонците, Букурешт 1913 г., со кој она што останало од живиот организам на Македонија од европските цивилизатори се распарчува и им се фрла како подарок на околните кон нас настрвени балкански хиени: Грција, Бугарија и Србија. Ама со еден мал дел се офајдува (Мала Преспа и околината) и Албанија. Арно ама Албанците својот кусок, потпомогнати од ЦИА, НАТО и Вашингтон сега експресно го дополнуваат. Па потоа, зарем не е глупаво сега ние Македонците да веруваме уште дека Јенките, светските каубои ни се пријатели, драг читателу? Зарем навистина можеме да бидеме толку глупави и идиоти.

Но продолжуваме. Сепак на Македонија ѝ се насмеа најпосле колку-толку среќата со хаосот на Втората светска војна од која таа излезе како кристал со АСНОМ во рамките на Југославија и признаена во својот автентичен генерички идентитет. Иако пак како крваво торзо. Но тука се јазикот, откриеното битие и еросот на креативната енергија што брза со големи чекори да го дополни загубеното низ столетијата. Пролетерската интернационала со мечот на Правдата и Вистината си ја заврши тука работата, иако после со тоа соседите, а потоа како што гледаме и Европа нè удираа по нос дека сме вештачка нација создадена од Коминтерната. Па и Черчиловите бомбардери во Егејска Македонија беа со таа теза. Како резултат на неа македонското малцинство, особено во Грција и во Бугарија, до денес е стигматизирано и непризнавано, асимилирано со насилнички мерки. Сепак делот што беше во рамките на Југославија (кој како сака нека вели) го уживаше својот идентитет, му се радуваше и креативно силно го надградуваше и откриваше.

Така. Ама дојде распаѓањето на Југославија и ние некако среќно по мирен пат се раздвоивме од нејзиниот воен хаос, па и екстатично се израдувавме оти во 1990 г. прогласивме, и со референдум, самостојна република Македонија. На радоста ѝ немаше крај, ама наскоро ќе се покаже дека таа „самостојност“ е шуплива, па новата Република набргу со забрзани чекори ќе почне да ги губи својот суверенитет и самостојност. Западниот европски анимозитет кон Македонија и Македонците повторно проработи. Мораше таа радост и откровение да се стопираат и да започне да се реализира добро подготвениот од Брисел и Вашингтон, а во соработката со балканските сатрапи Грција, Бугарија и Албанија, пред сè, оставајќи ја сега засега Србија во заднина, план за целосна детронизација, односно достолчување на столченото племе, дамнешен трн во окото на Вавилонската, сега со седиште во Брисел, ороспија.

И веднаш се удри врз ’рбетот на Името, најважниот идентитетски знак што ја содржи и ја влече низ милениуми и столетија целокупната наша меморија што ги надраснува границите на племето, национот и се излева во светски простор. Во неа е залегната идејата на Александар Македонски меѓу другото и за обединување и проткајување на Истокот и Западот, на источниот и западниот дух и култура, монументална идеја, која по него никој не ја замислил во таков обем и не повтел да ја реализира. Богатите нации на Западна Европа, да, се обидоа да го сторат тоа, но на колонијалистички асимилаторски начин и за материјален профит, востановувајќи го новиот светски глобализам и корпоративен робовладетелски поредок за што сме сведоци денес, и покрај божемниот западен хуманизам за економска благосостојба и културно издигање на колонизираните. За изградба како што мисли перфидно Винстон Черчил на „стабилни системи“, управувани негде на посуров, а негде на поблаг софистициран робовладетелски начин. На начин на кој тоа го правеа Римјаните, железната Римска Империја, чиј метод на владеење го прифати и наследи Европа, одбивајќи го Македонскиот што не ѝ одговара на нејзината тоталитаристичка, супрематистичка нарав.

И затоа треба да се избрише секој спомен на Македонија и Македонците, односно во краен случај, како и што го прави тоа Брисел заедно со Вашингтон, тие да се вглобат со западниот Дројзенов фалсификат во западната грчко-римска гладијаторска слика на светот како Грци. Така и почна уривањето на новата божем „слободна“ и „самостојна“ балканска република: со страшен напад на идентитетот преку уривање на Името. Така и беше изнудено од првиот нејзин претседател Киро Глигоров, наивен (но не смееше да биде таков) Киро Глигоров да бидеме обезименети, идентитетски обезглавени со депонирање на она глупаво БЈРМ во ООН како знак – претставник на нашата безличност.

И тоа беше сигурниот почеток на нашата идентитетска деструкција што завршува со финалето во Преспа 2018 г. Но според планот на Брисел и на Вашингтон, безмилосно прецизен, имаше уште работа за да се стигне до таа темна свеченост на западната цивилизација и балканските хиени и сатрапи. Ред по ред, тула по тула. Па уште Глигоров во таа цел, свесно или несвесно, под притисок или самостојно, сеедно, го исфрли силно во оптек мултиетничкиот карактер, наместо националниот суверенитет, на новата македонска држава. Тоа како што ќе се види подоцна ќе биде трагична грешка за разнебитување на тој суверенитет. Тука сè уште на почетокот и некои битни измени по идентитетот во уставот и менувањето на усвоеното национално знаме наследено од Античка Македонија на Александар. Западниот булдожер е пуштен на работа на укинување на македонскиот генерички суверенитет. Дадени се повеќе од јасни знаци, а најјасен и по сè изгледа најсуров е оној со таканаречената Лисабонска декларација од 1992 г.

Таа во основа е par exellence фашистички документ за уште една објава, и пак со примерот врз Македонците, за обновата на европскиот фашизам по победата над Хитлер. Тоа е страшна фашистичка декларација со која всушност му се забранува на еден народ да се вклопи во современите текови на цивилизацијата доколку не се преименува, што со други зборови значи доколку не се идентитетски самоубие. Или не дозволи друг да го убие. Или и едното и другото: убиство и самоубиство во заедно, врвна европска перверзија, како што и се случи тоа во Преспа, драг читателу. Да полудиш, ама цивилизаторите од Запад не ти даваат право ни на тоа.
Така. На тој начин со таа шизофрена европска декларација целосно беше задушена визијата на Гоце (етничкиот Бугарин на Пендаровски и оној недефиниран Денко) за „културен натпревар меѓу народите“, за „светот како поле“ за тој тип на натпревар. Финито.

И тука од потсвесна Европа избива на површина не македонскиот, на култура и космополитизам, туку римскиот модел на владеење со сила и личен профит за лична како економска така и културна благосостојба. Фактички грчко-римски модел против кој како што е добро познато Македонците се бореле уште во антиката. Така, во Античка Грција, како илустрација на тоа, драг читателу, како што веројатно знаеш; на Македонците не им било дозволено учество на Олимписките игри што ги организирала Елада, само затоа што не се Грци, па затоа тие организирале свои игри од другата страна на Олимп. Е сега, нели ти е јасно од кај е наталожен супрематистичкиот ариевски слој во колективната психа на Европа, драг читателу.

Од Грција и Грците, кои се однесувале во антиката супрематистички дури и кон едно такво моќно племе како што биле Македонците на Филип Втори, сè дури не ги покорил потоа со меч и дух Александар Македонски, кого тие и Европа што страда од грчкиот супрематистички, и насилно со фалсификати надуван грчки синдром, го погрчуваат, а неговата цивилизациска епоха позната како македонизам ја преименуваат, само и само да не е македонска, во хеленизам. Да. Рековме, Античките Македонци први во светот го укинуваат ропството и робовладетелството, кое Западот денес го практикува под претекст на цивилизирање на варварите и создавање „стабилни системи“ во нивните профитабилни колонии. Европа притоа изворот на својата демократија, која е многу сомнителна, пак ја бара во Античка Грција, а не во Античка Македонија каде што вистински се практикувала таа. Оти, познато е дека ропството и робовладетелството во Атина не биле укинати и цветале дури и за времето на најпрогресивниот и најкултурен атински владетел Перикле.

 

Ефтим Клетников
(продолжува) преземено од Нова Македонија

Ви се Допадна Написот? Крши ја Цензурата и Осенчувањето на Социјалните Мрежи, Добивај Директно Коложег.Инфо!

1 thought on “Северна: Проект на Европскиот Фашизам – Ефтим Клетников!

Остави коментар