Како Започна Христијанството во Македонија и од Тука се Рашири низ Европа – Тренчо Димитриоски!
Сподели на социјалните платформи:

Врвниот Македонски историчар и автор Тренчо Димитриоски за Пелагон порталот детално и поткрепено со научни факти и документи го опишува доаѓањето на Христијанството прво во Македонија и неговото ширење од тука низ цела Европа. Богатиот и длабок историски научен труд сублимиран во напис за Пелагон Порталот, го пренесуваме во целост. Споделувајте ја и ширете ја вистината за Македонија!

ПРВАТА ХРИСТИЈАНКА, ПРВАТА ХРИСТИЈАНСКА ЦРКВА  И ПРВИОТ ЕПИСКОП ВО МАКЕДОНИЈА И ЕВРОПА

МАКЕДОНЦИ ВО ХРИСТИЈАНСКАТА МИСИЈА НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ

Едно е целосна вистина: Апостол Павле трипати – според едни, четирипати – според други ја посетил Македонија1 за време на својот живот и за време на своите мисионерски патувања и испратил три посланија до македонските христијански заедници – 2 во Солун и 1 Филипи.2 Македонија во тоа време има значајно геостратешко место за Европа и Азија зашто преку неа се поврзувале Европа и Азија, односно, земјите од Јадранот и Европа со Мала Азија. Освен тоа,  таа е и земја со високо културно и стопанско ниво, со голем број градови, изградени патишта и сл. Преку нејзината територија се поврзуваат Апенинскиот полуостров и Мала Азија, особено преку познатата магистрала Виа Егнациа.3 Ваквата положба и комуникациите со останатиот свет, веројатно, се една од причините поради кои Апостол Павле своето прво христијанско мисионерство на континентот Европа го направил на македонска почва и преку Македонците. Всушност, како главна причина за неговото доаѓање во Делата на апостолите се наведува неговото видение: Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: – Премини во Македонија и помогни ни! По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нeповикал таму да го проповедаме Евангелието.“4

 ПРВАТА ХРИСТИЈАНСКА ОПШТИНА ВО ЕВРОПА – ФИЛИПИ, МАКЕДОНИЈА

По формирањето на првата христијанска општина во 49 година во Ерусалим, Апостол Павле, придружуван од неколку свои ученици, ја направил и првата посета на Македонија. Тоа го направил за време на неговата втора мисија за проповедање на Христовото учење.5 На патот на оваа мисија, Апостол Павле се нашол во градот Александрија во областа Троада во Мала Азија. Во Александрија нему му се случило гореспоменатото видение, таму го сретнал и евангелистот Лука и набрзо потоа, заедно со него и другите двајца свои ученици и сорабтници, Сила и Тимотеј, преку островот Самотрака, па пристаништето Неапол, заминал за Македонија, која во тоа време е римска провинција. Се упатиле во градот Филипи, еден од најзначајните градови во Македонија во тоа време. „Затоа испловивме од Троада и дојдовме право во Самотраки, а утредента во Неапол, а оттаму во римската колонија Филипи, водечкиот град во таа област на Македонија. Во тој град минавме неколку дена.“6

Остатоци од стариот град Филипи кај Кавала

Во Филипи, Апостол Павле со своите соработници решиле да се појават на блиската река каде граѓаните на Филипи оделе на молитва и принесување жртви. Таму биле собрани многу жени, за да се молат на реката и да принесуваат жртви.7 Токму тука држеле проповеди пренесувајќи им го Христовото учење на насобраните жени. Можеби поради таквиот собир, жените, всушност, се први ки во Македонија ја слушнале новата вест и први кои поверувале и ја прифатиле Христовата вера. Тргнувајќи од фактот дека Македонците се познати по тоа што изградиле голем култ кон водата и реките и редовно им принесувале жртви, тоа значи дека и првата христијанска заедница во Европа е формирана од Македонци. Според кажувањето во Делата на светите апостоли, христијанството прво го прифатила Македонката Лидија, која во Филипи тргувала со црвени платна, а потекнувала од поранешната македонска колонија во Мала Азија, Тиатир. Освен Лидија, се покрстило и целото нејзино семејство, што е направено во нејзиниот дом каде Лидија ги поканила да престојуваат Христовите следбеници и мисионери.8 Покрстена била и една робинка, која на своите господари им заработувала многу пари со гатање.9 Така се создала првата христијанска заедница во Европа од каде христијанството започнало да се шири и во другите делови на континентот. Тоа јасно упатува на фактот дека Македонија е првата земја на Европа во која стапнал Апостол Павле и првата во која формирал христијанска заедница, односно, христијанска црква. Всушност, првата христијанска црква е куќата на првата покрстена Македонка, Лидија.

Св. Апостол Павле (натпис) на мозаичен под во базилика во Филипи

Ваквиот успех на Апостол Павле не останал незабележан кај неговите противници, кои се пожалиле кај римската власт и, набрзо потоа тој и неговиот соработник Сила биле ставени во затвор. Таму останале само еден ден. Според запишаното во Делата на светите апостоли, токму тогаш се случил земјотрес и се срушиле делови од затворот.10 Чуварот на затворот се исплашил дека затворениците му избегале и кога дошол бил успокоен од Апостолот дека не избегале, туку го дочекале да дојде во затворот. Самиот чувар, исто така, посакал и бил покрстен во христијанската вера заедно со неговото семејство.11 Брзото пуштање од затворот било резултат и на тоа што Апостол Павле и Сила имале римско граѓанство.12

 АПОСТОЛ ПАВЛЕ ВО СОЛУН И БЕРОЈА

Оставајќи ја формираната христијанска заедница во Филипи, Апостол Павле и неговиот соработник Сила, преку градовите Амфипол и Аполонија заминале за Солун. „А кога излегоа од затворот, отидоа во домот на Лидија. И кога се видоа со браќата, ги охрабрија, па си заминаа. Поминувајќи низ Амфипол и Аполонија, стигнаа во Солун, …“.13 Веројатно е дека на патот за Солун, во градовите Амфипол и Аполонија, Апостол Павле со своите соработници оддржале проповеди и придобиле извесен број тамошни верници.

Солун – денес

Во Солун мисионерите се обратиле до верниците Евреи во тамошната синагога. Како што е наведено во Библијата, три саботи дрежеле проповед во синагогата и многу од  присутните станале Христови верници. Знаејќи дека кај Евреите во Солун ќе наидат на голем отпор, мисионерите и Апостол Павле започнале да проповедаат меѓу нееврејското население, односно, меѓу паганите. Така придобиле голем број приврзаници за формирање на христијанската општина.  Набрзо, наишле на силен отпор од страна на тамошни Евреи, кои се собрале во толпа пред куќата на Јасон, каде што биле сместени Павле и Сила, и барале да му бидат предадени. Откако не ги нашле нив, толпата ги собрала Јасон и некои од другите кои го прифатиле Христовото учење и ги предале на властите. Тие биле пуштени со давање залог во пари.14

Главна црква во Верија (Бероја) – Митрополија

Од Солун, Павле и Сила ноќно време биле испратени од тамошните браќа христијани во Бероја (Верија). Таму својата мисија, повторно, ја започнале преку тамошната синагога од градот, но овде биле пречекани многу подобро, бидејќи тамошните Евреи биле многу „поблагородни од оние во Солун“ и “многу горливо“ ја прифатиле Христовата реч, секојдневно ги читале и истражувале „Писмата“ и многумина го прифатиле Христовото учење, како од Евреите, така и од другите граѓани на градот. За ова брзо разбрале противниците Евреи од Солун и дошле и во Бероја за да го „подбуцнат и да го растревожат народот“. Поради тоа приврзаниците набрзина го испратиле Апостол Павле кон морето од каде тој се упатил за Атина, а неговите соработници Сила и Тимотеј останале уште некое време во Бероја со заповед што поскоро да му се придружат.15

Една од најстарите градби во Солун со дел од тврдината – ротонда

Така завршува првото патување на Апостол Павле во Македонија и почетокот на христијанството во Европа. По заминувањето зад него останале најмалку три силни христијански заедници, кои ќе му бидат подршка во неговото следно патешествие за ширење на Христовото учење. Апостол Павле продолжил со својата проповед и формирање христијански општини во Атина и Коринт,16 а оттаму заминал за Сирија, па повторно во Мала Азија, во градот Ефес, па во Цезареја и Антиохија, а оттаму заминал во Фригија и Галатија и повторно во Ефес, каде останал долго време проповедајќи го Христовото учење. Во Мала Азија останал две години и таму решил, преку Македонија и Ахаја да замине за Ерусалим. Најпрво во Македонија ги испратил неговите помошници Тимотеј и Ераст, а тој останал уште малку во Мала Азија.17

МАКЕДОНЦИ ВО МИСИЈАТА НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ

Освен примањето на христијанството од страна на Македонците во Филипи, Солун и Бероја (Верија), некои Македонци учествувале и во натамошното ширење на христијанството како членови на мисијата на Апостол Павле. Така, при една реакција на поклониците на божицата Артемида од Ефес, кои ги поттикнал извесен Димитриј, занаетчија со сребро, кој изработувал храмчиња на божицата,18 кога се собрале во поголем број и ги нападнале членовите на христијанската мисија во овој град, се споменуваат и двајца Македонци, кои биле фатени и свлечкани од противниците. „И во целиот град настана мешаница, па сите заедно навалија во театарот влечејќи ги со себе Македонците Гај и Аристарх, сопатници на Павле. Павле сакаше да влезе меѓу народот, но учесниците не му дозволија.“19

Св. Апостол Павле
Св. Апостол Петар

По завршувањето на овој напад од страна на поклониците на Артемида, Павле ги собрал своите ученици и соработници, ги охрабрил да го продолжат христијанското дело и заминал за Македонија. Таму повторно се сретнал со христијаните во местата во кои биле оформени христијански заедници и, одржувајќи соодветна проповед за да ги охрабри во нивната верба, продолжил за Грција. Таму, повторно се соочил со напади од страна на Евреите, кои сковале заговор против него и морал да се врати во Македонија.20 Меѓу соработниците кои биле со него во тоа време, се споменуваат повеќе имиња, а меѓу нив и претходно споменатите имиња на Гај и Аристарх, каде за Аристрах се вели дека е солуњанец, како и Секунд, а за Гај дека потекнува од Дерва. Еве го цитатот од Делата: „Но поради тоа што Евреите сковаа заговор против него, реши да се врати преку Македонија. Го придружуваа Сопатер, синот на Пир од Верија (Бероја), солуњаните Аристарх и Секунд, Гај од Дерва, Тимотеј, како и Тихик и Трофим од покраината Азија.“21

Македонецот Аристарх од Солун се споменува уште на едно место во Делата и тој е еден од сопатниците на Апостол Павле кога е испратен во Рим за да му се суди пред цезарот: „Се качивме на еден брод од Адрамитија, кој требаше да плови во места по должината на азискиот брег, и испловивме. Со нас беше Аристарх, Македонец од Солун.22

ЗА ПРВИОТ ЕПИСКОП ВО МАКЕДОНИЈА И ЕВРОПА

Со самото формирање на христијански заедници и црква, Ecclesia, се поставува и прашањето за организацијата, односно, ерархијата и старешините на овие заедници. Дека таква ерархија постоела не треба да се сомневаме, а со тоа реално е да се постави и прашањето за првите старешини, односно, епископи. Според истражувачите на оваа тема, познато е дека и најстариот закон во христијанството потекнува од 55 година, а тоа е од годините по формирањето на првите христијански заедници во Македонија.23

Грција и Троада
Троада

Според податоците со кои располагаат, историчарите веќе ги идентификуваат имињата на првите старешини, односно, првите епископи на христијанските цркви во Македонија. Извесни податоци од Делата на светите апостоли, како и од Посланијата на Апостол Павле, упатуваат на можноста дека првиот старешина на првата христијанска заедница во Македонија во градот Филипи бил евангелистот Лука, кој го придружувал апостолот на патот на неговата мисија во Македонија од Троада во Мала Азија, каде што се сретнале првпат. Некои од авторите теолози (Ѓорѓи Поп-Атанасов и Ацо Гиревски), ваквиот заклучок го извлекуваат од извесни делови во Делата, особено во поглавјата од бр. 16 до 20 во кои Лука се изразува во прво лице.24

Други, сепак, сметаат дека нема доволно убедливи податоци за старешинството на евангелистот Лука со христијанската заедница во градот Филипи. Од друга страна, сметаат дека е сигурен податокот за старешинството со првата христијанска црква во Европа на Епафродит, кој е испратен со помош и подароци за Апостол Павле за време на неговото заточение во Рим.25 Токму него го споменува Апостол Павле во Посланието до Филипјаните: Најдов за потребно при вас да го испратам братот Епафродит, мој сотрудник и другар во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои“.26 (Филипјаните 2, 25). „Добив и имам сe во изобилие, се пренаполнив со блага, кога го примив од вас испратениот дар преку Епафродит, кој е мирис сладок, жртва пријатна, благоугодна на Бога“.27 (Филипјаните 4, 18)

ПРВИТЕ МАКЕДОНСКИ ХРИСТИЈАНСКИ ЗАЕДНИЦИ БИЛЕ МОЌНИ И ЈА ПОДРЖУВАЛЕ МИСИЈАТА НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ, А ПОМАГАЛЕ И НА ХРИСТИЈАНИТЕ ВО ЕРУСАЛИМ

Христијанските заедници во Македонија, уште на самиот почеток, покажале голема верба во Христовото учење, па и покрај силните противници кои ги имале во лицето на Евреите од хебрејската вера, брзо се зацврстиле, се прошириле и организирале. Тие со голема љубов го прегрнале ова учење и тоа им дало волја и енергија брзо да прераснат во добро организирани и силни заедници. Ова особено важи за христијанската заедница во градот Филипи, која често им помагала на христијаните од другите делови на Европа и Азија. „Тоа значи дека христијаните од Македонија, коишто ја сочинувале Филипската црква, биле исполнети со вистинско богољубие и братољубие, коешто е основа на Законот и Пророците, на Евангелието и спасението“. (Види: Матеј 22,37-40; Марко 12,30-31; Лука 10,27; спореди: 5. Мој. 6,5; 3. Мој. 19,18; Матеј 7,12 и Лука 6,31).28 Нивната виталност, особено, дошла до израз во настаните при кои биле апсени, затворани и прогонувани христијани во другите делови на Европа и Азија, особено при кои бил прогонуван, малтретиран и ставан во заточение самиот Апостол Павле. Во такви моменти, христијанските заедници од Македонија биле вистинска поткрепа на прогонетите, кои ги помагале материјално и духовно. Сведоштва за таквото постапување имаме во Посланијата на Апостол Павле упатувани до христијаните во Солун и Филипи, како и во оние до Коринт и Атина. Во првото послание до собранието на Солуњаните, на тамошните христијани, односно на христијанската заедница во овој град, Апостол Павле, Силван (Сила) и Тимотеј им оддаваат посебно признание за заслуга за ширење на христијанството во светот: „… ја прифативте речта со радоста што доаѓа преку светиот дух, така што им станавте пример на сите верници во Македонија и во Ахаја.

            И не само тоа што Господовата реч од вас оддекна во Македонија и во Ахаја, туку и вашата верба во Бог од вас се рашири насекаде, така што ние не треба ништо да зборуваме“.29

                Во истото послание, Македонија е спомената уште на едно место со пофалба и поука: „…, а вие навистина ги сакате сите браќа во цела Македонија.30

Св. Апостоли Петар и Павле

Во времето кога Апостол Павле е заточен во Рим, каде е испратен да се брани од нападите на Евреите од Ерусалим пред цезарот, таму, со морална и материјална подршка бил поткрепен од христијанската заедница од Филипи со испраќање на старешината, односно, старешината на тамошната христијанска црква, Епафродит, во Рим. За ова, како и за тоа дека Филипјаните му помагале на апостолот и за време на неговиот престој во Солун дознаваме од Посланието до Филипјаните испратено од Павле и Тимотеј: „А вие, Филипјани, знаете дека и на почетокот на објавувањето на добрата вест, кога заминав од Македонија, ниту едно друго собрание не ми помогна, давајќи и притоа примајќи, освен вие. Зашто, дури во Солун и првиот и вториот пат ми го испративте тоа што ми беше потребно. Не барам дар, туку го барам плодот кој се впишува на ваша сметка. Но сè имам, и тоа во изобилие.“31

За тоа дека Христијанските заедници (цркви) од Македонија помагале дури и во Ерусалим, сведоштва наоѓаме во Посланијата до Римјаните и до Коринтјаните.32

                Во Посланието до Римјаните за ваквата подршка на македонските христијански заедници се истакнува: „А сега одам во Ерусалим за да им помогнам на светите. Зшто оние во Македонија и Ахаја со радост собраа помош за светите во Ерусалим, кои се сиромашни.“33     

Тренчо Димитриоски, Пелагон Портал.

Референци:

 1 Лука († ок. 70 г.), еден од четворицата евангелисти, кој бил придружник на светиот апостол Павле за време на неговите мисионерски патувања. Тој е автор на две дела, дел од Новиот завет во Библијата, кои носат наслов Делата на светите апостоли. Драган Зајкоски, Христијанството во Македонија, Седум слова за почетоците и етаблирањето, Институт за национална историја, Скопје 2017.

2 Исто.

3 Д. Зајкоски, Христијанството во Македонија, 39.

4 Делата, 16: 9.

5 Блага Алексова, Култ на мартирите во Македонија од IV do IX vek, Loka sanctorum Macedoniae, Книгоиздателство Матица македонска, Скопје 1995, 3. Д. Зајкоски, Христијанството во Македонија, 40.

6 Делата 16: 11- 13.

7 Исто, 16: 13.

8 Исто, 14, 15. Д. Зајкоски, Христијанството во Македонија, 43.

9 Делата, 16: 16 – 19. Д. Зајкоски, Христијанството во Македонија, 43.

10 Делата. 16: 26.

11 Исто, 16: 27 – 34.

12 Исто, 16: 37 – 39.

13 Исто, 16: 40 и 17: 1.

14 Исто, 17: 2 – 9. Д. Зајкоски, Христијанството во Македонија, 46, 47.

15 Исто, 17: 10 – 15. Д. Зајкоски, Христијанството во Македонија, 47, 48.

16 Исто, 17: 15 – 34 и 18: 1 – 17.

17 Исто, 18: 17 – 28 и 19: 1 – 22.

18 Исто, 19: 23 – 28.

19 Исто, 19: 29 и 30.

20 Исто, 20: 1 – 3.

21 Исто, 20: 4.

22 Исто, 27: 1, 2.

23 Б. Алексова, Култ на мартирите …, 4. (За годините на доаѓањето на Апостол Павле во Македонија и формирањето на првите христијански заедници има несогласување меѓу различните автори. Според Ацо Гиревски мисијата во Македонија се случила најрано 49/50 година. Слично е датирањето на овие настани и од авторита не Историјата на Македонскиот народ, прв том, односно кон крајот на 49 година, како и кај Апостолос Е. Васкопулос, кој ја наведува 50 година. Ѓорѓи Поп-Атанасов смета дека престојот на мисијата и формирањето на овие христијански заедници се случил од 51 до 54 година. Д. Зајкоски, Христијанството во Македонија, 42.)

24 Д. Зајкоски, Христијанството во Македонија, 44, 45.

25 Исто, 45.

26 Посланието до Филипјаните 2: 25. Д. Зајкоски, Христијанството во Македонија, 45.

27 Посланието до Филипјаните 4: 18. Д. Зајкоски, Христијанството во Македонија, 45.

28 Порф. д-р Ратомир Грозданоски, https://www.rrgrozdanoski.mk/naucna-dejnost

29 Прво послание до Солуњаните, 1: 6 – 8.

30 Исто, 4: 10.

31 Исто, 4: 15 – 18.

32 Послание до Римјаните,15: 25 – 27. 1 Послание до Коринтјаните: 16: 1. 2 Послание до Коринтјаните: 8: 1 – 5. – Овде, за христијанските заедници во Македонија е употребен терминот „македонските собранија“. (Види: 1 Послание до Коринтјаните 8: 1)

33 Послание до Римјаните,15: 25 – 27.

Ви се Допадна Написот? Крши ја Цензурата и Осенчувањето на Социјалните Мрежи, Добивај Директно Коложег.Инфо!

1 thought on “Како Започна Христијанството во Македонија и од Тука се Рашири низ Европа – Тренчо Димитриоски!

  1. Korenot na site Problemi na Juznite Sloveni e tokmu Hristijanstvoto. Celta na ovaa konstatacija ne e da navredi bilo kogo, tuku da pottikne na mnogu podlaboko razmisluvanje i mozno sogleduvanje na pricinite za denesnata sostojba kaj Juznite Sloveni. Od periodot na nametnuvanje na Hristijanstvoto, do den denesen Slovenite se robovi, kontrolirani i upravuvani od Rim i negovite naslednici, koi uspesno ja cpraktikuvaat rimskata maksima “Zavadi pa vladej”. Vprocem i Imeto Sloven poteknuva od Latinskiot termin Sclavus, sto vo prevod znaci rob.

Остави коментар