Второ Давање Мандат за Формирање Влада е Не-Уставно! Излез: Нови Избори – Проф. Др Љубомир Цуцуловски!
Сподели на социјалните платформи:

 

НОВИ ИЗБОРИ? Во постот што го објавив предмалку (пред нецели два часа) основната теза беше дека давањето на мандат беше наспроти Уставот. Тоа би значело дека е потребно второ давање на мандат и нова коалиција. Меѓутоа, во Уставот не е предвидено второ давање мандат. „Мудрувањата“ од типот дека тоа што не е забрането е дозволено не се ништо друго освен тоа што се – „мудрувања.“ На тоа укажував повеќепати во изминатите години. Ако не е можно второ давање на мандат, тогаш следи распишување на нови избори. На ова инсистирав уште на почетокот на 2017 година. Моето укажување беше попусто, како што и сега е напразно такво нешто да се бара. Во ваква, крајно аномична ситуација, не гледам никаков резон и понатаму нешто да објаснувам, анализирам, критикувам. Спред тоа, како нешто што е сосема природно/логично, не ми останува друго, освен да се вратам кон моето примарно поле на интерес – филозофијата. И, како што еден човек не може да разори една стварност, така ниту една индивидуа може стварноста да ја подобри. Конечно, за нејзино подобрување постојат бројни политички партии, со свои партиски тела и лидери, чија задача е токму политиката и нејзиното подобрување. Нека почнат да се бават со она од кое живеат и за кое се (повеќе од добро!) платени и, во многу нешта, привилегирани.

ГРЕШКА ВО ЧЕКОРИ. Давањето мандат, како и формирањето на парламентарно мнозинство поминаа во најдобар ред, онака како што е „предвидено“ со Уставот, меѓутоа по обратен редослед. Имено, според член 90 од Уставот, мандатот се доверува на кандидатот на партијата, односно коалицијата на партии, кои веќе обезбедиле мнозинство во Парламентот. Значи, според овој член, прво се формира мнозинство (парламентарно = 60+1!), дури потоа се доверува мандатот. Меѓутоа, се случи обратното – прво се определи мандатар (Зоран Заев), кој потоа тргна да бара/формира парламентарно мнозинство. Стево Пендаровски, како Претседател на Државата, оваа обратна и накарадна постапка (определување на мандатор, а потоа формирање на парламентарно мнозинство) се обиде (неивентивно) да ја објасни, повикувајќи се на член 84 (став први), според кој Претседателот на Републиката „… го определува мандатот за состав на Владата на Република Македонија“, што е неспорно. Меѓутоа, изуми (изуми?) да каже дека тоа се прави ако претходно се исполнети некои услови – како, на пример, обезбедено парламентарно мнозинство, предивидено во член 90.

Значи направена е класична грешка во чекори. Тоа е исто како прво да се роди бебето и потоа, откако ќе се роди, родителите да го зачнат. Меѓутоа – луѓе мои! – тоа се толку дребни „дребности“ што би било „дребно“ некој со нив да се бави. Денес, откако Заев и Ахмети се спогодија (за што конкретно, не кажаа) не чув посериозна рекција од другите партии. По правило, за „дребните дребности“ тие молчат, се шегуваат, мангупчат, мајтапат, благо претат со Уставен суд или со некои други дребни дребности.

П.С. Во прилогот што го приложувам можете изворно/непрераскажано да ги прочитате член 84 (став први) и член 90, за да не испадне дека треба да ми верувате на чесен збор, бидејќи за вакви сериозни работи не е доволен збор, макар бил и чесен, туку непосреден увид во законските акти. Во случајов, Уставот.

Ви се Допадна Написот? Крши ја Цензурата и Осенчувањето на Социјалните Мрежи, Добивај Директно Коложег.Инфо!

Остави коментар