Кому се Обраќа Г.Г. Стефан и Чиј Поглавар е ако не го Спомна Својот Народ? Коста Јовчевски – ИО Родина!
Сподели на социјалните платформи:

 

Во колумната на Коста Јовчевски, насловена КОМУ СЕ ОБРАЌА Г.Г. СТЕФАН? по повод неговото неспомнување во Божиќното послание ниту на Македонија и Македонски Народ ниту пак ништо што произлегува од именката Македонија (по сè изгледа или не му е познато дека дури и според Преспанскиот предавнички диктат, придавските форми од именката Македонија – се дозволени, или пак свесно и своеволно оди уште подалеку во негирањето на сопствениот народ!), се порачува: Нека се замислат нашите денешни црковни политичари што и прават и на Црквата и на народот, зашто ако на народен собор ја повративме нашата Црква во минатото, на таков иден собор ќе можеме и да им ја одземеме!

Станува состојба Македонецот и неговата родина Македонија да биваат напуштени и осамени. При Македонци и при Македонија – ем да се брише македонскиот народ ем да му ја ништат земјата и државата. Бидејќи од политичарите и нивните политички партии се изнаслушавме секакви глупости, на ред дојдоа да се „истакнат“ и црковните авторитети.

Во еден ваков амбиент, по сè изгледа, се вклопува и г.г. Стефан, Архиепископот на МПЦ – ОА. Од прва, не е јасно дали политичарите и црковните лица си конкурираат во општите политички процеси или – напротив, се работи за докомплетирање на тимот кој треба да ја одигра улогата, во режија на странските налогодавачи: да се (де)физиономира, да се редизајнира македонскиот народ и неговата држава, а и црквата!

Божиќното послание на г.г. Стефан во кое тој ни ја (рас)кажува теолошката философија (што, во нормални услови и не е така лошо!), помина без споменување на неговата татковина Македонија, без споменување на ништо што произлегува од именката Македонија (по сè изгледа не му е познато дека и според Преспанскиот диктат, придавските форми од именката Македонија – се дозволени!), па дури ни името на Македонската православна црква – Охридска архиепископија! Ќе се сметаше за случајност доколку ова му беше прв пат да не знае на која тоа Црква е тој Архиепископ. За жал, ова му се повторува. Ова се повторува и на некои други свештени лица, а токму тие добиваат значаен простор во разни медиуми. Гласноговорникот за црковното потчинување со (не)јасна перспектива, Партениј од Бигорскиот манастир, во континуитет ни продава „ветер и магла“, со јасни позиции кон бугарската страна. Неодамна, на панихидата за загинатите борци за Македонија, во црквата „Св. Климент Охридски“, присуствуваме на многу чудна состојба кадешто свештеникот никако не сакаше да ја спомене Македонија, за да биде приморан да го стори тоа по многу гласните инсистирања на присутните. Се читаат и други вакви случаи и случувања, па очигледно веќе не станува збор за пропуст, туку за тенденција, за реализација на (изгледа) заземен став на дел од раководството на Македонската црква.

Која е причината за ваквото однесување на дел од свештените лица, веројатно знаат тие самите. Но, наше е да им кажеме: нема да им помине! Нема да им поминат ниту приватните преговори за некакво си признавање на Македонската црква, зашто оваа наметната, вештачка битка е добиена уште во Х век, ниту отстапувањето од сопствениот македонски народ, ниту промената на името на Македонската црква како што се слуша. Да ги потсетиме, зашто очигледно се загубиле, заборавиле или, едноставно, не знаат.

На I – от црковно – народен собор одржан во Скопје во 1945 година, била усвоена и резолуција. Покрај ставот да се обнови Охридската архиепископија, стои и следново: „Црквата да има свои народни епископи и народно свештенство, за да се запазат карактерните особености на македонскиот народ и тој да биде поблизок до својата родна црква“! Ова е моќна порака која можела да произлезе од чиста идеја и од љубов кон својата Црква, зашто на ум им бил токму македонскиот народ. И, повторно на црковно – народен собор во Охрид, во 1958 година, донесена е одлука „…да се обнови старата Македонска Охридска архиепископија, која беше присилно укината, а епархиите припоени кон Цариградската патријаршија“. Копнежот по својата стара Црква, придонесе таа повторно да се обнови од народот и за народот. Македонскиот, се разбира. И, пак на црковно – народен собор, во 1967 година, конечно се врати стариот сјај (или, барем донекаде) на старата Македонска црква, кога се прогласи (поточно – се поврати!) автокефалноста: „Македонската православна црква – наследница на обновената Охридска архиепископија – се прогласува автокефална“.

Ова е, накратко, појаснување до нашите црковни авторитети, зашто во нивното денешно однесување нема ништо заедничко со оние кои ја возобновија Црквата. Наводно, мотивираноста за некои чудни постапки, произлегува од потребата за признавање на МПЦ – ОА. А, по сè изгледа, како се одвиваат работите, борбата за „признавање“ била борба да се дојде до овој степен во кој денес се наоѓа Црквата – нејзино потчинување како поддршка на општите (катастрофални) политички процеси кои се плаќаат со народот и државата! Се во функција на великото „признавање“, нешто многу слично како и со приемот во ЕУ – НАТО, фашистичката банда. Но, ако нашите свештени првенци беа свесни за некакви историски случувања и беа целосно посветени само на својата Црква и нејзните интереси, ќе знаеја: и Грчката црква доби признание од Цариградската патријаршија дваесеттина години подоцна од прогласувањето на автокефалноста; исто толку чекаше и Романската црква, а Бугарската егзарија која е основана (колку канонски е друго прашање!) во 1870 година, добила признание дури во 1950 година! И, никој од нив, чекајќи го признавањето, не се откажа од својот народ и држава.

Како што гледаме и слушаме, кај нас има обратен процес: во интерес на „признавањето“ – се откажуваат и од народот и од државата! Дел од македонските црковни авторитети бараат покровителство од Бугарската црква, па на најјако ги пуштаат лицата од типот на Партениј. Сега бараат покровителство и од Цариградската патријаршија, поради која неканонски е укината Охридската архиепископија, а како резултат на тоа – и после толку векови – ја имаме оваа состојба со МПЦ. Притоа, ризикувајќи да ги нарушиме односите со Руската православна црква и со несогледливи политички импликации! Не е за верување дека е во прашање баш толкаво непознавање, недоветност или глупост.

Попрво изгледа дека е во прашање свесна и волева активност на црковно поле, како што сме сведоци на свесна и волева активност на политичко поле, а сè со една општа цел: ништо добро за македонскиот народ и неговата историја, култура, националност, традиција, па и христијанска посветеност. МПЦ, односно еден дел од нејзиното раководство, од црковна организација која треба да биде во функција на својот, македонскиот народ, сè повеќе делува како политичка организација, компатибилна со политичките чинители и процеси кои се одвиваат. Оттука, видовме дека црковно – народните собори се покажаа како релевантни облици за одлучување за важни црковни прашања. На тие народни случувања беше возобновена Македонската црква и се прогласи автокефалноста. Затоа, нека се замислат нашите денешни црковни политичари што и прават и на Црквата и на народот, зашто ако на народен собор ја повративме нашата Црква, на таков иден собор ќе можеме и да им ја одземеме!

КОСТА ЈОВЧЕВСКИ, ЧЛЕН НА ИО-РОДИНА МАКЕДОНИЈА

Приклучи се во првите 1000 основоположници кои во рекордно време следниве неколку недели ќе ја формираат единствената Македонска, суверенистичка, непоткуплива и визионерска опција за градење на Македонија на здрави темели за следните 1.000 години
https://www.rodina.org.mk/pristapnica/

Остави коментар