Претставата Каде е Пиштолот, и Како се Доаѓа до Клучот од Слободата, е Приказна за Нашето Време – Игор Силјаноски!
Сподели на социјалните платформи:

 

Автор, Игор Силјаноски, 22-ри, Јули 2019

Текстот на театарската претстава “Каде е Пиштолот” на Народниот театар од Охрид, во режија на Дејана Николовска, е напишан во седумдесеттите години на минатиот век. Но оваа суптилна и емотивно исполнета сатира е перфектен приказ и за нашето време. Драмското дело на Габор Ѓоргеј неодамна беше изведено во домот на културата “Григор Прличев” во Охрид. Можеби навистина се работи за таинствен безвремен увид во човековата дуалната природа, како што се вели во описот на претставата.

Дејствието се одвива со затворена соба во која се наоѓаат еден криминалец, благородник, интелектуалец, селанец и полтрон. Затворени од непознати за публиката причини, сите седат во кафезот над чии глави виси клучот кој ги отвора вратите на собата/кафез. Уште од самиот почеток напнатата атмосфера ја создава криминалецот во чии раце е пиштолот, кој го користи да ги потчини другите присутни во собата и да изнуди од нив квалитети кои самиот не ги поседува, но ги чувствува како потребни. Тој го има пиштолот, а со тоа и власта како единствен можен начин да стигне до посакуваните квалитети и морални вредности. Па така од благородникот го изнудува неговото педигре, од интелектуалецот духовноста, од селанецот саканата, а на полтронот му го менува името, зошто во суштина полтронот не поседува никакви високи вредности, па преку него се изживува и ја лечи својата инфериорност.

Во драматичен пресврт, улогата на владетел се менуваат кога пиштолот ќе се најде во рацете на ликот со сина крв, кој себе си се доживува како татко на народот. Власта во монархија сепак не е многу поразлична од претходната, наметната однадвор, власт. Како цар сите присутни во собата, благородникот ги претвора во свои слуги и се декларира себе си како сопственик на се во своето царство.

Кога пиштолот ќе падне во рацете на селанецот, гледајќи го светот само преку својата призма, тој дава наредба светот да се претвори во една голема нива на која секој неуморно ќе работи.

Кој и да дојде на власт не дозволува клучот, симболот на слободата да се извади од куката на која е обесен, зошто ако секој има слобода тогаш власта е безвредна и ништовна. Наместо тоа тие нудат решенија сходно потребата да го реорганизираат светот по свој терк. Власта е опојна и ги води карактерите во очај да ја зачуваат кога таа е во нивни раце.

Единствено кога интелектуалецот ќе го дофати пиштолот, а со тоа и власта, ќе сфати дека се додека поединечно се борат за пиштолот сите заедно се затвореници во собата. Само ако сите се откажат од желбата да го поседуваат пиштолот и работат на тоа да го дофатат клучот, само тогаш ќе бидат слободни.

Една од најсуптилните пораки е секако судбината на полтронот. Тој се потчинува на секоја од актуелните власти и инстантно станува сервилен. Нагласеното ласкање и лажната поддршка на власта не само што не доведува до почитување на неговата личност, туку тој станува предмет на потсмев и презир. На крајот добиваме слика дека оние кои немаат самопочит и сопствен карактер, немаат ни почит од другите. Интересно е тоа што тоа е единствениот лик во сатирата кој не добива власт. Останува прашањето, каква би била власта во негови раце? Одговорот не е прикажан, но приказната завршува со симболичен и поучен крај каков што доликува на оваа извонредна театарска претстава.

Ликовите во претставата ги одиграа група на високо талентирани глумци. Македонскиот театарски простор има со што да се гордее. Недвосмислено добрата приказна, режија и изведба му дава ново руво и на Охридско лето, како несекојдневно доживување за публиката. Дело кое е интимно и полно со енергија, емоции и прекрасни пораки.

Единствената темна дамка за македонската публика е тоа што “Каде е Пиштолот” беше спонзорирано од страна Претседателот и Министерството за Култура на “Северна”, име кое е наметнато над името на нашата татковина Македонија со помош на истиот симболичен пиштол опишан во претставата. Но како што видовме и во претставата, поседувањето на пиштолот не е вечно. Вечно е само името Македонија.

Остави коментар