Претседателот на Република Македонија, ќе зборува на прославата на 2ри Август на Мечкин Камен во славно Крушево. Д-р Ѓорге Иванов, со сопругата г-ѓа Маја Иванова и синот Иван, присуствуваше на манифестацијата „Илинденски марш 2018“. Претседателот Иванов се обрати на свеченоста и го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978“. Тој испраќајќи ги коњаниците потенцираше дека слободата не се освојува еднаш, туку секој ден и постојано:
– Ја користам оваа прилика, во предвечерјето на нашиот најголем и најсветол празник Илинден, да упатам еден повик. Ги повикувам македонските граѓани од сите краишта на нашата татковина Република Македонија, во што поголем број да дојдат во Крушево. Да дојдат во нашата прва македонска република, да се искачат на Мечкин Камен, за заедно да ги пречекаме овие храбри и посветени коњаници. Да ги пречекаме и да го поздравиме нивниот истраен и незапирлив марш кон слободата. Бидејќи слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Низ секој наш творечки подвиг и низ секој изгрев што нè осветлува – порача Иванов.
„Вечерва сме собрани да одбележиме еден важен јубилеј – 40 години од Илинденскиот марш. Во 1978 година, тројца млади и храбри патриоти од Лисиче одлучиле да ја изразат својата благодарност кон нашите илинденски херои на еден, за тоа време, несекојдневен начин – со тоа што на коњи ќе тргнат на пат до славното Крушево за да го остварат заветот на основачите на првата македонска република.
Тој прв обид, во сега веќе далечната 1978 година, во многу нешта наликува на првиот обид на македонскиот народ да создаде своја република. Како и Крушевската Република, така и овој Илинденски марш не е наметнат, туку е автентичен израз на македонскиот стремеж за слобода.
Како и Крушевската Република, така и овој Илинденски марш, барем на почетокот бил краткотраен. Бил забрануван, неговите основачи затворани, нивните најблиски заплашувани.
Но, како и славните илинденци, така и коњаниците не се откажале и не потклекнале. Цели 20 години ги одржувал споменот за првиот марш, за тој прв младешки израз на самосвест и непокор. Исто како што и споменот за првиот Илинден ја греел душата на македонскиот народ сè до вториот славен Илинден“, рече претседателот Иванов.