Во написот ЕВРОПА: ШВАЈЦАРИЈА ИЗЛЕЗЕ ОД ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕВРОПСКАТА УНИЈА,
При крајот на минатиот месец, на 26 мај, Швајцарија излезе од 7-годишните преговори со ЕУ за модернизација на меѓусебните односи. Со тоа оваа нација, со население од 8.6 милиони жители, сместена во срцето на Европа, уште еднаш укажа дека се обидува да пронајде своевиден начин за својата иднина, преку тоа што ги задржува вешто своите начела на надворешната неутралност и непосредната демократија.
Преговорите помеѓу ЕУ и Швајцарија, имаат долга традиција, започната од 1972-та година, каде, тогаш, на преговарачката страна се јавувала претходницата на ЕУ, Европската Економска Заедница (скратено ЕЕЗ), односно во периодот кога ЕУ и не претставувала толку во политичка смисла, како што е случајот денес, туку многу повеќе Заедница во економска смисла. Таа година е склучен првиот од пакетот меѓусебни договори, кој се однесувал на меѓусебната трговска размена на индустриските стоки и земјоделските производи, и истиот е во сила и денес. Оттогаш па до денес потпишани се помеѓу ЕУ и Швајцарија повеќе од 120 спогодби.
Клучниот момент за стопирање на интеграцијата на Швајцарија во ЕЕЗ, бил Референдумот од декември 1992-та година, кога од 78.7% излезност од вкупно регистрираниот број на гласачи, 50.3% гласале против федералната резолуција за ЕЕЗ, со што бил блокиран пристапот на Швајцарија кон Заедницата. А во јуни 1997-та и март 2001-та година, повторно биле блокирани обидите на политичката каста, со тоа што против таквите иницијативи тогаш се огласиле околу 2/3 (1997-та против биле 74.1%, а 2001-та 76.8%) од швајцарските гласови.
Друг клучен момент претставувал влезот на Швајцарија во Шенген-зоната, во 2005-тата година, но проблем настанал околу правилото за слободниот проток на луѓе, стоки и капитал, откако во 2014-тата, бил одобрен Референдумот против масовната имиграција, кој одел против правилата на Шенгенскиот договор, со што всушност швајцарската федерална регулатива го ограничувала слободното движење на луѓето. Овој Референдум посебно ги налутило евробирократите во Брисел, и биле влошени односите со Швајцарија. Се претпоставува дека 1.4 милиони луѓе со државјанства од земјите-членки на ЕУ, живеат во Швајцарија, додека со швајцарските државјанства постојат околу 450 000 резиденти во ЕУ. Една од причините зошто Швајцарија го ограничила слободниот проток на луѓето, односно на работната сила, е и затоа што се обидува да ја задржи високата просечна плата и цената на работната рака, која во оваа земја е скапо платена.
Краток историјат на Швајцарската Конфедерација (Confœderatio Helvetica)
Создавањето на оваа држава, има свој долг и крвав тек низ историјата. Првин темелите ги поставиле областите Швиц, Ури и Унтервалден, кои денес се географски сместени во централниот дел на Швајцарската Конфедерација. По областа Швиц, било дадено меѓународното име на оваа конфедерална држава, но и симболиката – бел крст на црвена основа. Всушност најупотребуваното име од своите државјани за оваа држава е „Хелветија“, односно „Хелветската Конфедерација“ (Confœderatio Helvetica), име со коешто се прави обид за директна врска и континуитет со племето Хелвети (Helvetii), племе кое било забележано во историјата од римскиот период, од времето на походот на Јулиј Цезар во Галија, дека ги населувале овие денешни швајцарски простори.
Иако многумина сметаат дека Швајцарија како држава е создавана по мирен пат со разбирање, на ad-hoc начин, со помош на меѓународните сили, тоа никако не претставува случај!
Специфичната геоположба на Швајцарија, помеѓу тогашните на југ – моќни италијански град-држави Венеција и Милано заедно со Савоја, на Запад – Бургундија заедно со Франција, на Север – тогашните моќни германски град-држави во составот на Светото Римско Царство, и на Исток – Австрија, создала простор на мешано културолошко влијание со примеси од сите горенаведени соседи. Таквата состојба придонело луѓето од Швајцарија да се чувствуваат, политички, за посебни, иако од различното влијание самите меѓусебно биле (и денес сѐ уште се) со различна вероисповед и со различен мајчин јазик.
Првите три области кои ја создале Швајцарската Конфедерација, биле со изразит германски етнички елемент, односно со еднолично и компактно население. Од овој почетен период познат како Alte Eidgenossenschaft (стариот вечен сојуз), односно од 1291-та година, до периодот на ширењето на својот простор, до 1789-тата година и постепеното зголемување на бројот на областите кои се приклучувале во (кон)федералниот состав, и тоа по пат на сила и постојани војни, според швајцарската историографија се нарекува: периодот на Acht Orte (деветте кантони) и периодот на Dreizehn Orte (тринаесетте кантони).
Со Вестфалскиот мир од 1648-та година, европските земји ја признале независноста на Швајцарија и нејзината неутралност. Оттогаш од тоа главно меѓународно признание, следеле уште неколку внатрешни војни на верска основа, со кои била разбиена папистичката (католичка) хегемонија во рамките на Швајцарија.
По тие војни, следела окупација од француските револуционерни војски, и била воспоставена т.н. „Хелветска Република“, која била само званично независна, наводно „сестринска“, но во суштина претставувала вазална држава на Француската Република. Под краткиот републикански период на Швајцарија, настанала криза, немири и бунт од обидите оваа држава да се преуреди под унитарен републикански Устав, и со тоа да биде отфрлен т.н. Ancien Régime, со што Наполеон Бонапарта, тогаш во својство како конзул на Франција, со посебен Акт (Acte de Médiation), истакнувајќи во него дека Швајцарија има посебно федерално обележје, ја преуредува повторно како федерална држава, но овојпат официјално под вазалството на Франција.
По поразот на Наполеон, со Виенскиот Конгрес 1815-тата година, било усогласено од европските сили „засекогаш“ да биде признаена неутралноста на Швајцарија. Но иако од овој важен меѓународен Конгрес, Швајцарија била огласена за држава со вечна неутрална политика, сепак швајцарските војски земале учество во понатамошните војни, и било забележано нивното учество во Опсадата на Гаета, во 1860-та година, односно во војните за обединување на Италија како една држава. По тие војни Швајцарија ја има проширено својата територија, и оттогаш, со исклучок на мали географски промени, била конечно утврдена територијата на Швајцарија.
Во 1874-тата година, било воведено како уставна категорија обврзувачките референдуми за одобрување на законите кои се однесуваат на федералното ниво, и со кратки промени од 1891-та година, биле конечно утврдени, покрај надворешната политика на неутралност, и внатрешната политика со обележјата на непосредната демократија, нешта од теоријата за политички систем кои и ден денес на светско ниво се знаат како за посебни одличја на швајцарското уредување.
Во периодите на „Првата“ светска војна, „Втората“ светска војна и т.н. Студена војна – сите со крвави исходи, Швајцарија успешно ги задржала своите правила на неутралност и непосредната демократија.
Денес Швајцарија е составена од вкупно 26 кантони (области), кои географски ги делат 4-те големи домородни и компактни населенија: италијанското говорно население, германското говорно население, француското говорно население и ретороманското говорно население, кое всушност претставува најмалото и најмалку компактното во рамките на Швајцарија.
Во Швајцарија се претпоставува дека живеат околу 250 000 Албанци, од кои 1/4 се преселени од Македонија. Не се знае точниот број на Македонци во Швајцарија, од причина што голем број Албанци се пријавуваат со македонското државјанство. Официјалната статистика на Швајцарија од 2019-та година наведува дека 67 108 лица се со македонско државјанство затекнати на територијата на Швајцарија.
Швајцарската авантура на „политичарско-експертското“ миље во Македонија
Во совремието, сведоци сме на разни и зачестени обиди од страна на „политичарите“ и „експертите“ (назначени по разни теми, а најчесто за сите), да наметнат врз македонското јавно мнение дека Македонија треба да се преуреди по швајцарскиот модел. Оваа идеја, и покрај тоа што навистина е поодамна присутна, и како решение ја сметаше и самиот Ванчо Михајлов – историскиот водач на ВМРО, сепак на таа идеја, доколку ѝ се направи кратка споредбена анализа, ќе се разбере дека е неизводлива во македонската современа политичка и општествена пракса, еве и зошто:
- македонската државотворност има прекини во континуитетот, од антиката и од средниот век, а најновата претставува од 1944-тата година, додека швајцарската државотворност нема прекини во својот континуитет, од нејзиното основање 1291-та па до денес, туку таа доживува периодични промени;
- македонската државотворност се јавувала во антиката, во средниот век а и денес како последица од желбата на Македонскиот народ да има своја држава, додека швајцарската државотворност, е без „свој“ народ и се јавува(ла) од сосем други (најчесто феудални) побуди;
- македонската државотворност во минатото имала искуство како етничка односно племенска држава, подоцна како монархија и империја (архе), но никогаш немала како федерација или конфедерација, додека швајцарската имала единствено (различно) републиканско искуство на сосем краток период, односно таму секогаш се определувале за вакво уредување, што претставува логична рефлексија од феудалните односи;
- „Македонец“ првенствено претставува етничка категорија (gens), а потоа во смисла на државјанин, за разлика од „Швајцарец“ кој претставува првенствено и единствено припадник (δῆμος) на државата Швајцарија по основ на државјанство, односно „Швајцарец“ не претставува етничка категорија, иако постојат обиди преку историската врска со Хелветите, да се создаде и етничката основа;
- Македонците преку АСНОМ, во Преамбулата како мотив за создавање и постоење на македонската држава, со принципите го наведуваат позитивното решавање на македонското прашање, односно остварување и штитење на правата, првенствено правото на самоопределување на Македонскиот народ, додека во швајцарскиот современ Устав, не постојат такви ставки во нивната Преамбула;
- македонската држава доколку се преуреди како федерална или конфедерална држава, тогаш тоа ќе е благодарение на вмешувањето на големите сили во поновата историја во внатрешните работи на Македонија (споредба ќе може да се направи со неуспешната француска интервенција во Швајцарија и обидот за наметнување на републиканското уредување), односно мнозинството од народот (ќе) е угнетуван, додека Швајцарија самата избрала такво уредување и најголемиот дел од населението се задоволни со истото;
- досегашните предлози за кантонизација и (кон)федерализација на Македонија, наведуваат на создавање на 2 или 3 кантони кои би оделе строго по етничка и верска линија и кои би создале компактни населенија (способни за државотворност) од малцинските етнички групи (Албанци), додека швајцарскиот модел е создаден од 26 кантони, создадени од претежно природни области кои ги делат 4-те компактни населенија (одземена им е државотворноста), и
- премногу е јасна задната намера за федерализација на Македонија, дека е заради исполнувањето на геостратешките планови на Британија и САД, со цел тотално и вековно преовладување на Вардарскиот дел од Македонија, а во случај на „непослушност“ на Македонците, лесно отцепување и поделба на преостанатата македонска територија помеѓу „Голема Албанија“ и „Санстефанска Бугарија“.
Единствено што би можело да се искористи од швајцарското искуство и тоа да биде во полза на Македонија, се можеби елементите на директната демократија (обврзувачките референдуми) преку кои успешно Швајцарија ја чува и ја одржува надворешната политика на неутралност, а со тоа чувајќи го и одржувајќи го успешно и својот суверенитет.
Ви се Допадна Написот? Сподели ја Веста! Крши ја Цензурата и Осенчувањето на Глобалофашистичките ЦИАшки Социјални Мрежи, Запиши се на Мобилен на t.me/kolozeginfo Телеграм Групата, на слободните мрежи ГАБ и ВКонтакте (Еквиваленти на Фејсбук), на Рамбл и Битчут (еквиваленти на Јутјтуб) наскоро на Парлер (Еквивалент на Твитер) или преку мејл (подолу) и Добивај Директно Коложег.Инфо!