Достоевски: Еден Збор за Словените што Одамна Сакав да го Кажам! Важи и Денес и не е Пријатно за Читање!
Сподели на социјалните платформи:

„Патем, би кажал еден збор за Словените и словенското прашање. Одамна сакам да го кажам. Сега сите кај нас започнаа да зборуваат за можноста на брзо воспоставување на мирот, со што ќе се отвори можност за брзо решавање на словенското прашање. Да ја ослободиме имагинацијата и да замислиме дека се’ е завршено, дека Словените со напори се ослободени и дека Турската империја веќе не постои, а Балканскиот полуостров слободно живее нов живот. Секако, тешко е до последни детали да се предвиди во која конкретна форма ќе се манифестира оваа слобода на Словените, и дали ќе има некаква федерација на малите ослободени племиња или пак ќе се појават помали приватни области во форма на мали држави, каде на престолот ќе бидат повикани владетели од разни кралски династии.

Исто така не може да се предвиди дали Србија конечно ќе ја прошири својата територија или пак Австрија ќе го спречи тоа, ниту пак колкава ќе биде Бугарија, што ќе биде со Херцеговина, Босна и какви односи ќе имаат воспоставено малите новоослободени словенски народи со Романците или Грците. Дали конечно овие земји ќе бидат целосно независни или ќе бидат под покровителство и надзор на „европските сили“ меѓу кои е и Русија.

Сето тоа е невозможно прецизно и претходно да се реши, и јас тоа не се ни обидувам. Сепак, веројатно сега може да се знаат две работи: 1) дека за брзо, а можеби и не така брзо, сите словенски племиња на Балканскиот полуостров на крајот неизбежно ќе бидат ослободени од турскиот јарем и ќе започнат нов, слободен и можеби независен живот, и 2)… Ова другото, што и веројатно ќе се случи, одамна сакав да го кажам.

Ова второто, по мое внатрешно уверување, е дека Русија никогаш нема да има ниту пак имала вакви мразители, завидливци, клеветници па дури и отворени непријатели, како што се овие словенски племиња штом таа ги ослободи. Нека не ми се спротиставува никој и нека не го негира она што го кажувам, нека не ми вика никој и нека не ми вели дека преувеличувам и дека ги мразам Словените. Напротив, јас многу ги сакам словените, и впрочем нема да се бранам, бидејќи знам дека ова ќе биде онака како што велам. Не поради некаков наводно низок или неблагодарен карактер на Словените – воопшто не е тоа причината. Во таа смисла, нивниот карактер е ист како на другите. Причината е во тоа што вакви работи не можат поинаку да се случуваат во светот.

Не сакам да ја ширам темата, но знам дека не треба да бараме од Словените благодарност и однапред треба да бидеме подготвени за ова. Тие после ослободувањето, ќе го започнат својот нов живот така што од Европа, Англија и Германија, ќе бараат покровителство и гаранција за нивната слобода и тоа ќе го направат на начин на кој ќе бидат заштитени од Русија. Ќе започнат со тоа што отворено и на глас, ќе се убедат самите дека на Русија не ѝ должат ништо, ниту најмалата благодарност.

Уште долго, долго време тие нема да бидат во можност да ја признаат несебичноста на Русија и нејзиното големо и свето подигнување на знамето на највозвишени идеи, а една од нив е идејата која на човекот му овозможува да живее и без која човештвото е закочено – доколку оваа идеја престанува да живее во човекот, тој умира во гнојни рани и немоќ. На пример, сегашната национална руска војна, војна која го подигна целиот руски народ, на чело со царот, е против изроди за ослободување на несреќните националности – дали Словените сега кончно ја сфатија оваа војна? Но, нема да зборувам за сегашноста, бидејќи на Словените се’уште им сме потребни, ние ги ослободуваме. Но подоцна, откако ќе ги ослободиме и кога тие ќе се средат, дали тие ќе признаат дека војната беше голем подвик направен за нивно ослободување? Обидете се да одговорите на ова прашање иако за ништо на овој свет нема да го признаат тоа.

Напротив, како политичка, а потоа и научна вистина ќе го прикажат тврдењето дека доколку не би била ослободителна Русија во текот на овие стотина години, сами би успеале да се ослободат од Турците со своето јунаштво или со помош на Европа. Ваквото лукаво учење веројатно постои кај нив и сега, а подоцна тоа неминовно ќе се развие во научна и политичка аксиома. Покрај тоа, дури и Турците ќе започнат да ги почитуваат повеќе од Русија. Можеби цел век или повеќе, тие постојано ќе се плашат за својата слобода, од Русија. Тие ќе им се додворуваат на европските држави, ќе шират клевети, сплетки и интриги против Русија.

Не зборувам за поединци: ќе има луѓе кои ќе сфатат што значи Русија и што секогаш ќе значи за нив. Тие ќе ја сфатат возвишеноста и светоста која ја направи Русија, и ќе сфатат какви идеи таа ќе остави во човештвото. Но овие луѓе на почеток ќе бидат во толку мал број што ќе бидат изложени на потсмев, омраза, па дури и политички прогон. На ослободените Словени ќе им биде особено пријатно да зборуваат за тоа како тие се образовано племе, способно за највозвишената европска култура, додека Русија е варварска земја, темен северен џин. чиј народ нема чиста словенска крв, земја која ја мрази европската цивилизација.

Кај нив секако, од самиот почеток ќе се појави уставна влада, парламентарни и одговорни министри, говорници и говори. Тоа особено ќе ги утеши и воодушеви. Тие ќе бидат опијанети читајќи во париските и лондонските весници, телеграми за нив.

Русија мора сериозно да се подготви за тоа дека сите ослободени Словени во занес ќе се придружат на Европа и ќе се заразат од европски форми и политички и социјално – вака ќе треба да живеат доста долг период пред да согледаат било што во своето словенско значење.

Русија ќе биде свесна дека центарот на словенското единство е токму таа, и дека ако Словените живеат слободен национален живот, тоа е така затоа што Русија така сакала. Но, каква корист ќе има Русија од таквото сознание освен напор, непријатност и вечна грижа?

Пред се’, Русија нема ни да помисли да ја прошири својата територија на сметка на Словените. Словените, дури и сега се  сомневаат дека Русија има вакви аспирации. И ќе се сомневаат уште 100 години. Но, Бог нека ја чува Русија – колку повеќе политичка нестабилност покаже таа кон Словените, толку сигурно ќе постигне за тие да се обединат околу неа, ако не подоцна, тогаш во вековите што доаѓаат. Ако Русија покаже несебичност, со самото тоа таа ќе победи и ќе ги привлече Словените.

Кога ќе се реши словенското прашање, Русија очигледно ќе мора да го реши и Источното прашање. Уште долго време сегашните Словени нема да го сфатат Источното прашање. Тие долго време не да го сфатат ниту словенското единство во братството и слогата. Идната задача на Русија ќе биде на Словените постојано тоа да им го објаснува со дела и примери. И повторно ќе прашате зошто Русија треба сето ова да го прави и зошто толку се грижи? За да живее возвишен живот, за да живее голем живот, за да го направи светот голем, со несебична и чиста идеја и на крајот на краиштата, за да создаде голем и моќен организам на братско сојузно племе, а не со политичко насилство не со меч, туку со убедување, пример, љубов, несебичност, светлина.

Ако нациите не живеат во највозвишени, несебични идеи и со највозвишени цели за човештвото, ако само се интересираат за сопствените интереси, тогаш нема сомнеж дека овие нации ќе бидат упропастени, ослабени и на крај ќе умрат. А не постојат повозвишени цели од оние кои ги има Русија кога на Словените им служи несебично, не барајќи од нив благодарност.

На светот и не постојат повозвишени идеи од овие. Според тоа, ништо за Русија не може да биде „поисплатливо“ отколку пред себе да ги има тие цели, за самите себеси подобро да си објаснат и се’ повеќе да го подигнат духот на својата вечна и неуморна храброст која му прави добро на човештвото.

Подготвила: Тамара Гроздановски

Ви се Допадна Написот? Сподели ја Веста! Крши ја Цензурата и Осенчувањето на Социјалните Мрежи, Запиши се и Добивај Директно Коложег.Инфо!

Остави коментар