Драги мои,
Живееме во време во кое интелектот се мери со купени дипломи, теророт се смета за селективно оправдан метод за остварување на човекови права, за авторитет се сметаат оние кои профитираат од човечкото здравје, а вандализмот се смета за револуција!
Живееме во време во кое фабрикациите се сметаат за прогресивна идеологија, а отпорот – за простотилак и причина за небањатост, во кое грев е да се чествува традицијата на претците, а напредок е да се оправдуваат агресорските политики на посилните!
Живееме во време во кое идеологиите се манипулативна алатка и пречка за да се согледа реалноста, а лагите се основа за склучување на договори, во кое побитно е да се наполнат џебовите, отколку гладните усти, и во кое монстуозноста се смета за теорија на заговор, а човечкиот страв за глупост!
Живееме во време во кое никој не знае што прави, а за најумен се смета тој што е платен да биде најгласен, во кое пцовките се сметаат за интерперсонална вештина, а духовниот развој се сведе на виртуелно хоби, во кое лицемерието е основа за социјална друштвеност, а искреноста се сведува на политичка коректност, во кое детството ни стана статус на социјални мрежи, а децата заглавени во трул образовен систем – онлајн!
Живееме во време во кое комфор зоната ни стана принуден затвор, а слободата достапна само со маски, во кое идиократијата се смета за нова нормалност, а нормалното за нов идиотизам, во кое побитно е да го наречеш сопствениот народ глуп, отколку да покажеш со прст дека царот е гол!
Живееме во време во кое самите си ја декларираме сопствената глупост како врв на интелигенција, и итаме кон врвот газејќи еден врз друг, тонејќи во јамата од трупови која самите сме си ја ископале, гордо изјавувајќи победа врз сопствениот род кој не довел до тука!
Живееме во време во кое го негираме коренот врз основа на безличната каша што сме ја направиле од плодот, во кое полесно е да се пие отров за здравје, отколку лек за освестување, во кое да се биде свој на своето е навреда за оној кој решил да граба од туѓото, во кое мирот се базира врз лажни ракувања, а војната е основа за меѓународен компромис!
Живееме во време во кое целосно сме ги предале душите на духовни слепци, сигурни дека за пропаста нема да одговараме ние, во кое очајот се смета за слабост, а безмилоста за вредност, во кое медиумите ни се богови, а технологијата – рај!
Живееме во време во кое пештерата ни станала удобен дом, а сенките – канали на далечински управувач!
Живееме во луксузна илузија – и добро ни е!
Автор, Митко Грковски.
Ви се Допадна Написот? Крши ја Цензурата и Осенчувањето на Социјалните Мрежи, Добивај Директно Коложег.Инфо!