Во услови кога СЗО прогласи глобална Пандемија на Корона вирус нашите политичари решија да му пркосат на светот на штета на граѓаните, пишува во едиторијал порталот Слободен Свет.
Прашањето за одложување на изборите не било отворено на денешната кординативна средба во Владата на лидерите на политичките партии и техничкиот премиер Оливер Спасовски
„За тоа не разговаравме, цениме дека во моментов нема потреба од такви одлуки. За секоја новонастаната состојба дополнително ќе разговараме. Она што го разговаравме е како да се усогласи кампањата со мерките на Владата. Клучната порака од состанокот е дека здравјето на граѓаните е врвен приоритет. Сега не е време за ситни политички поени. Партиите, нивните лидери, сите политички чинители имаат степен на повисока одговорност и треба да ги почитуваат мерките“, рече Спасовски на прес-конференцијата по средбата со лидерите на партиите, нагласувајќи дека Кризниот штаб преку мејлови ке ги информира сите политички партии за новите состојби.
Во моменти кога изборите се откажуваат во Франција, Италија, кога во соседна Србија веќе и самите политички субјекти побараа одложување, нашите политичари го прават спротивното на препораките на СЗО и логиката. Кога јавноста очекуваше такво нешто од лидерската средба стигна ладен туш. Двајцата лидери на најголемте политички партии излегоа со крајно несериозни изјави околу изборите.
„Очигледно е дека ќе имаме алтернативен начин на водење на кампањата. Имаме начини преку социјалните медиуми, преку МАС-медиумите, од врата до врата, има начин. Во однос на големите митинзи во овој момент препораките се да нема големи собирања, односно веќе не се препораки, сега е забрана. Тоа е едноставно забрана, која има одреден одговорност, мора да ги почитуваме овие законите во оваа држава, не може да делувате волунтаристички“, додаде Мицкоски кој не објасни дали кај граѓаните од врата на врата ќе се појавува со скафандер на себе поради избегнување на ризикот од пренесување на болеста.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев рече дека и тие ќе ги почитуваат препораките и своите предизборни активности ќе ги водат преку медиумите, социјалните мрежи и преку јавувања во живо, нешто на кое и Монти Пајтон може да му позавиди.
На крајот ниту еден од присутните на средбата вклучувајќи го и техничкиот премиер не објасни како на 12 Април, датум за кој епидемиолозите велат дека епидемијата ќе кулминира, ќе се одвива процесот на гласање кога повеќе од милион граѓани ќе се доведат во меѓусебни блиски контакти во затворени простории на избирачките места.