По Победата на Шин Фејн во Ирска Очекувајте го Неочекуваното Секаде низ Европа – Игор Силјаноски!
Сподели на социјалните платформи:

Има нешто во ирската култура, водените брегови, гребени и пасишта што ме потсетува на дома. Не можам да ги избегнам споредбите за истоветната историска судбина како поробен народ и нивната борба за свој сопствен идентитет и сопствена земја. Ирскиот патриот Роџер Кејсмент напишал: Знам за две трагични истории во светот – Ирската и таа на Македонија. И двете биле угнетувани и мачени. Роџер Кејсмент го платил својот патриотизам со неговиот живот. Нашите револуционери исто така биле убивани и мачени за Македонија. Денес кога Ирска се бори за својата независност и обединување тоа треба да биде искрата надеж за Македонската борба за сопствената слобода и независност.

Минатата недела беше историска за ирскиот народ кој за прв пат и речиси неочекувано се разбуди со можноста да биде воден од својата најстара партија Шин Фејн. Родена во 1905, Шин Фејн ќе опстане во текот на целиот 20ти век во кој ќе биде стожер на револуција против окупаторот, Британската кралска империја. Шин Фејн не учествува официјално во велигденското востание во 1916 година, но револуционерите во тоа востание се од редовите на Шин Фејн. Поради револуционерни активности поврзани со востанието е уапсен и убиен Роџер Кејсмент.

После успешната ослободителна војна (1919-1921) и цивилната војна (1922-1923) со домашните предавници и лојалистите на империјата, партијата нема да ја прифати поделбата на својата земја како срамен компромис. Шин Фејн сметала дека учеството во политиката на новата Ирска република е исто така чин равен на соработка со непријателот. Шин Фејн доживува едно од многуте делби и премрежија, најмногу поради непоколебливоста на вистинските патриоти кои ја сметаат својата борба за незавршена.

Териториите земени од Улстер на северот на Ирска, новоформирани како Северна Ирска, ќе останат како белег на Британската окупација на Ирска. Партијата никогаш не ја прифаќа оваа поделба како праведна или природна. Во својата борба за независност на обединета Ирска, Шин Фејн се врзува со Провизорната Ирска Републиканска Армија (ИРА) која дејствува субверзивно и активно ги провоцира и ги напаѓа британските интереси и британските граѓани. Овие терористички групи имаат за цел да издејствуваат повлекување на Лондон од Северна Ирска поради неодржливоста на отворената војна.

За жал, насилството носи бројни жртви и ги претвора шесте области на Улстер во поле на религиско насилство врз протестантите кои се сметаат за главната причина за присвојувањето на повеќето од ирската провинција Улстер. Бранејќи го протестантското население, Лондон е во де факто војна против католичкото население и го смета како извор или бранител на тероризмот.

Повеќедецениската војна во Северна Ирска ќе произведе нетрпение и омраза но и херои кои се најдобриот доказ за народната воља на населението на Улстер за спојување со Ирската република. Повремените примирја помеѓу ИРА и Лондон одат преку Шин Фејн кое во ова време, дури и во периоди на значајни примирја, ќе биде прикажано и озлогласено како политичкото крило на ИРА. Партијата продолжува да го трпи товарот на ИРА дури и кога ја користи својата политичка улога и своето влијание во Ирска за постигнување на политичка разврска во Северна Ирска со Добро-петочниот договор во 1998 година со кој се прекинуваат воените дејствија на ИРА.

Ирска влегува во Европска Економска Заедница во 1973 година и доживува спојување со својот северен дел дури во склоп на договорите за слободна трговија и заедничка царинска зона како членка на Европската Унија. Британија е приморана да ја отвори својата граница со Ирска поради правилата на ЕУ, но останува силен гарантор на постоењето на Северна Ирска во склоп на обединетото Кралство. Северна Ирска, и покрај безграничниот режим останува одделена од Ирската република.

Работите се менуваат со одвојувањето на Обединетото Кралство од ЕУ. Во годините пред референдумот за Брексит, пред 2016 година, Шин Фејн не само што отстапува од своите политички одбивања да се поистовети со политичкиот систем во Ирска, туку активно бара поголема улога во тој политички систем. Партијата се модернизира и ги продлабочува своите програмски цели. Ја одбира својата идеолошка подлога како лево ориентирана социјална партија со цел да се подобрат животниот стандард и да се постигне поголема еднаквост во ирското општество. Начинот на кој планира да ги оствари своите цели е преку засилена социјална помош и обезбедување на основна станбена безбедност.

Во својата основа, Шин Фејн е анти-империјална партија која се бори во целиот свој животен век за независност на Ирска. Таа карактеристика на партијата нема да биде во полза на зацврстувањето на единството на ЕУ. Кога целта за обединета Ирска ќе биде остварена, Шин Фејн може со голема брзина и организациска агилност да ја покаже таа своја национална и суверенистичка суштина. Во тој случај, предизвиците за ЕУ ќе бидат двојно зголемени.

Ирска, без разлика на ирското самостојно делување (на пример во однос на даночната политика во која Ирска се коси со остатокот на ЕУ), неуспешниот па потоа успешен референдум за Лисабонскиот Договор и низа други економски тешкотии беше и е голем успех за ЕУ. Ирска е важен поборник за проширувањето на ЕУ, што беше значајно во моментот на поднесувањето на молбата од страна на Македонија за членство во ЕУ која беше предадена баш во Даблин. Сето тоа завршува доколку Шин Фејн се избори за власт.

Номинално врзана за идејата за ЕУ која во суштина овозможи спојување на двете ирски земји, Шин Фејн гледа на Брекситот како начин да придобие поддршка од своите приврзаници во Северна Ирска. Шин Фејн е, се разбира, единствената Ирска партија која има организација во двете Ирски. Обединета Ирска ќе биде предводена и организирана од страна на Шин Фејн.

Махинациите на Борис Џонсон во врска со Брексит ја откриваат намерата на Лондон конечно да се ослободи од баластот на Северна Ирска како последната колонија на распаднатата Британска империја. Лондон се одлучи за независна Северна Ирска која поради својата културна, историска, економска и етничка поврзаност со ирската република најверојатно ќе се одлучи за обединување со Ирска. Втората причина за обединувањето е сегашната зависност на Северна Ирска од Лондон за својот економски развој. Северна Ирска речиси и нема избор отколку да се припои и политички и економски кон Даблин.

Стрпливоста на Шин Фејн, нејзината преобразба и нејзиниот политички инстинкт ја издвојува како ретка стара политичка партија која успева да преживее и да постигне нова поддршка од ирскиот народ и покрај своето обременето минато.

Конечно, зимава се затвори долгото децениското владеење на ирскиот политички естаблишмент. Претходно, партиите кои се менуваа на власт само номинално го спомнуваа обединувањето на Ирска со Северна Ирска, но тие не направија ништо значајно тоа да се постигне. Ирскиот народ кој добро ги памти неправдите и окупацијата од Британската империја, повторно и после долго време им ја даде својата доверба на партијата која е единствена во нивната политика која може, знае и сака да ја обедини Ирска. Притоа, Шин Фејн има идеја да го одвои островот од глобалната глутница на банкари, големи корпорации и шпекулативни инвеститори и да му даде шанса на народот да ја врати својата татковина во рацете на Ирците и нивните деца и идните поколенија.

Идеални политички партии нема. Шин Фејн е обременета од своите методи и своето минато, а самата организација е под лупа за своето автократско раководство во кое владее бескомпромисна структура на идеолози. Уште полошо е што ирското национално тело е поделено помеѓу оние кои ја истакнуваат традицијата, фамилијата и националното чувство и оние кои се сметаат за прогресивни сили на кои им успеа да издејствуваат закони кои се косат со традиционалното ирско општество. Во Ирска денес има закон кој дозволува абортус и кој дозволува еднополови бракови. Какви се ставовите на Шин Фејн?

До сега ова не беше вистинското прашање. Кој би поверувал дека е важно што мисли партијата која е добро позната како огранок на ИРА? Благодарејќи на историските сили кои ја менуваат Европа и светот, што мисли Шин Фејн постанува релевантно прашање. Интересно е што Европа го доживува ова оживување на Шин Фејн како шок. Толку длабоко владееше партиското сивило на меко окупираниот ирски естаблишмент што никој не се надеваше на ваков исход.

Успехот на Шин Фејн не е ни случаен ни привремен. Претседателката на Шин Фејн, Мери Луис Мекдоналд, име кое наскоро може да биде лесно препознатливо во Европа, изјави дека гласачите кои го избрале Шин Фејн тоа не го направиле како протест, туку како свесна одлука за својата иднина. Што значи оваа свесна одлука за Европа? Што таа значи за Македонија? Времето ќе покаже, но едно е јасно, очекувајте го неочекуваното насекаде каде што неправдата, ропството и презирот владееле предолго. Напатената ирска земја најде сила која и недостасуваше да се избави од своето долговековно ропство.

Обединувањето на Ирска е само последната етапа која следи после многу жртви, надеж и многу работа. За останатите окупирани земји во Европа, во кои се вбројува и Македонија, ирскиот пример треба да претставува ослободување од нашите предрасуди и стравови дека нешто не е можно или е недостижно дури и ако нештото е толку природно. Ирците се изборија за својата независност но и за почит од другите со верба во себеси и во својата идеа од која Шин Фејн, и после многуте делби и превирања, никогаш не се откажа. Народе македонски со какви идеи си ти?

 

КОЛУМНА ИГОР СИЛЈАНОСКИ, ЧЛЕН НА ИО – РОДИНА МАКЕДОНИЈА

Ви се Допадна Написот? Крши ја Цензурата и Осенчувањето на Социјалните Мрежи, Добивај Директно Коложег.Инфо!

Остави коментар