Окултна Измама за Македонците Дизајнирана од Волшебникот од Оз! – Пишува Маријан Галевски
Сподели на социјалните платформи:

Македонската измама: Тиранската платформа, договорот со Бугарија и договорот со Грција се пакет дизајниран од страна на Волшебникот од Оз. Знаете ли дека “приказната за деца” Волшебникот од Оз има преносно значење и окултисчтичка позадина? И дека долго време е користена во програмата за психолошка контрола од страна на длабоката држава?

Наизглед е неверојатно што дел од Македонците уште не можат да видат дека не бушат во мозок. Повеќе од јасно е дека ова што се случува во Македонија има мала врска со ЕУ, затоа што тоа е долгорочна, иако несигурна, приказна за себе.  Цела керефека е Македонија да биде вметната во НАТО по секоја цена што поскоро. Или можеби не?

После скоро 20 години во Австралија, јас и моето пошироко семејство пред неколку години го направивме тоа што малкумина се одлучиле да го направат. Се вративме во Македонија со цел да бидеме свои на своето, и да помогнеме во развојот на својата земја. Нашето враќање е мал но важен придонес кон реверзија на процесот на иселување на населението, а со себе донесовме капитал, практично знаење, чесност. Во неверување ги живееме случувањата во изминатите неколку години. Како поединец во овие критични мигови имам одговорност да ги предупредам сите заведени но чесни и искрени во Македонија и надвор: извадете ги главите од песокот, не чекајте зол час бидејќи веќе е дојден. Утре ќе биде доцна.

Во каква состојба беше Македонија пред неколку години? Во незавидна, но далеку подобра од сега. Реформи во даночен систем и економијата, инвестиции во подем, намалување на невработеноста од 38% на 24% со видлива можност да се намали на 15тина проценти пред 2020та, 10% набрзо потоа. Уставното име признаено од 140тина држави од кои 3 членки на советот за безбедност на ОН. Значи дека полека но сигурно Грција го губеше спорот со името. Времето работеше за нас. Корупција секако дека имаше, а кажете една држава во светот со 38% невработеност каде што нема корупција. Тоест, најдете една држава каде нема корупција – точка.

Договорот со Грција не смее да се разгледува изолирано сам за себе. Тиранската платформа, договорот со Бугарија и договорот со Грција се дел од еден пакет дизајниран од страна на длабоката држава. Тоа се три столбови на стратегијата со цел уништување на Македонскиот идентитет, распад на Македонија и припојување на нејзината територија кон соседни држави. Патриотските сили во Македонија мора ова да го артикулираат пред народот на разбирлив начин.

Без да навлегувам во детали, а може да се напише многу, со договорот со Грција ја губиме античката компонента на историјата и културата, со договорот со Бугарија другиот (средновековниот и модерниот) дел од историјата и културата, а во скриена форма и правото на Македонскиот јазик (допрва тоа доаѓа). Со двата договори ги губиме малцинствата во Грција и Бугарија, а следствено и во Албанија.

Со тиранската платформа се отвора простор за понатамошна експанзија на албанските простори во регионот.

Со други зборови, според договорот со Грција ни дозволуваат да имаме некаква своја нација, но само почнувајќи од 19ти век и ограничено исклучиво во границите на денешна Република Македонија. Но затоа влетува во игра договорот со Бугарија, каде Македонското прашање се заокружува во наша штета со тоа што историјата до 1945та, а може да се рече до 1991ва, се третира како заедничка историја со Бугарија, во превод Бугарска. Што значи ние, под контрола на Грција и Бугарија, ќе треба да измислиме вештачка сопствена историја, култура, идентитет во границите на денешна РМ и тоа евентуално за периодот од 1945та наваму.

Народ без корен, историја, култура и малцинства во соседни држави – НЕ ПОСТОИ. Така е во меѓународното право и интернационалните односи, така е и во пракса.

Јасно и гласно од Грција и Бугарија доаѓаат пораки континуирано дека Македонски народ не постои, и македонски јазик не постои. Исти пораки со години слушаме од Албански лидери од Македонија и регионот.

Зрел поединец со минимум национално чувство и морален интегритет, кој се грижи за своето семејство и својата земја, се запрашува кое е најлошото сценарио пред да донесе некаква одлука. И апарат за домаќинство да се купува се размислува долгорочно за цена, гаранции, последици, тоест што ќе добијам а што ќе изгубам. Би купиле ли шпорет од некој модел ако сте наслушнале дека за 6 месеци ќе се расипат грејачите? Значи, кои се главните ризици доколку оваа стратегија се спроведе?

Понатамошна ерозија на позициите на македонците, односно блокирање на процесот на преговори со ЕУ, доколку тој започне, од страна на Грција  и Бугарија. Ова е гарантирано, затоа и се ставени обврските во договорите кои Македонија мора да ги почитува. А главната обврска е самоукинување на Македонскиот народ. Ова е кристално јасно ако се гледаат трите столба како пакет.

Главен ризик е губење на државата. Македонија ќе биде пеколно место за живеење во тек на овој процес. На почеток ќе биде нефункционална и неодржлива држава, блокирани институции, политичка, институционална и медиумска корупција. Денес функционалноста е нарушена меѓудругото поради бадинтеровите критериуми и надворешните притисоци, корупцијата итн, а замислете кога уставните измени ќе вклучат двојазичност, и за не така долго време кантонизација на државата. Тој товар ниту економски ниту на друг план нема да може да се издржи.Распад, односно поделба на Македонија во првата прилика кога геополитичките прилики ќе го овозможат е повеќе од сигурен исход. Ова не е далечна иднина. Мислите дека животот под туѓа управа ќе биде просперитетен? Не, ќе биде пеколен за повеќето.

Немој да се лажете дека ова не е можно бидејќи ќе сме биле во НАТО. Напротив, се е можно. А можно е и да не влеземе во НАТО – тоа би била најциничната измама на Волшебникот.

За појаснување, обид за растурање на Македонија не беше изведен во самиот зачеток во 90тите години од повеќе причини, но една од главните е очигледна. Во тој период агендата за експанзија на Албанските територии не можеше да се оствари до ниво кое е можно денес или во блиска иднина.

Каде сме сега?

Се наоѓаме пред референдум кој е комплетно незаконски, за договор кој е исто така противуставен и незаконски, и несразмерно асиметричен, донесени од влада која е избрана на незаконски начин – со ветување да донесе живот, за сите.

Според јавните информации, како ќе помине референдумот нема да влијае врз чекорите кои владата и парламентарното мнозинство ќе ги преземат, и тоа на сила. Следно доаѓа:

  • Финализирање на капитулацијата со Грција – промена на устав, промена на историја. Информирање на земјите кои не признале за промената на името. Промена на имиња на институции, банкнотите, униформи, химна, знаме, и еден куп други работи кои не можеме да си ги замислиме од оваа перспектива.
  • Финализирање на капитулацијата со Бугарија, промена на историја, образование.
  • Имплементација на закон за двојазичност на цела територија, кантонизација на државата.

Не само што се држи во тајност какви промени на уставот се ветени од страната на владата, туку главниот ризик доаѓа од самата Грција. Со сигурност, иако договорот е катастрофален за нас, Грците нема да го исполнат својот дел од договорот исто како и со привремената спогодба. А Македонија нема да може да се врати назад. Ефтина измама за лековерни. За потсетување, приврементата спогодба не беше почитувана од Грција а беше гарантирана од ОН и САД. Сигурно е дека договорот нема да биде почитуван, ќе биде манипулиран и интерпретиран, а договорот не е гарантиран од никого. Само потпишан од Хеленската Република и од Втората Страна. Не се лажете од реакциите во Грција, тоа е театар, припрема за понатамошни барања и уцени во момент кога другиот “капитулирал”.

Земјите кои не охрабруваат да се самоукинеме, уште веднаш по референдумот и/или уставните измени ќе почнаат да го практикуваат овој договор без да биде ратификуван од страна на Грција. Тоа ќе значи стекнати права за Грција и Бугарија.

Менгемето ќе се стега и неизбежното ќе се случи доколку не се вразумиме под итно.

Затоа мојата порака до сите чесни и искрени луѓе кои од легитимно незадоволство несвесно овозможија на овој или оној начин да дојдеме до оваа ситуација – разбудете се и извадете ги главите од песок. Прелажани бевте на лесна финта но од искусни играчи, не смеете да се срамите од тоа и преминете преку тоа. Помислете на иднината. Ова се историски мигови. Ние како сегашни генерации имаме среќа што од нас се бара само да го вклучиме мозокот и да  се бориме интелектуално, за разлика од нашите предци кои гинеле со оружје, а често заради нив и нивните семејства. Во спротивно отидовме по ѓаволите сите заедно. Во меѓународните дипломатски и комерцијални односи нема емоции, нема правда. Ако сме дибеци и во конфузија ќе не бушат како ќе стигнат.

Светот континуирано се менува, а моментално се случуваат огромни гео-политички поместувања. Насобраната тектонска енергија на финансиско-економски план која се пресликува на политички план или ќе продолжи да доживува постепена дисипација со помали потреси во подолг период, или ќе има поголемо енергетско празнење во блиска иднина кое се надевам нема да се случи. А ако се случи, не смееме да бидеме на погрешната страна од историјата.

Во вакви моменти треба да бидеме екстремно претпазливи, секој чекор да биде многукратно премерен и одмерен, и да има консензус во државата за крупни прашања. Брзање во овој момент не смее да има.

Наместо тоа имаме спротивна ситуација кога владата во спринт склучи катастрофални договори со Бугарија и со Грција, донесе двојазичност, а не постои консензус. Ја закочи економијата, вулгаризира корупцијата – тоа не е случајно.

Бидејќи времето не работеше за Волшебникот, се исценира можност ситуацијата да се врати наназад, да се удри по послабиот, и да се затвори Македонското прашање кога во народот е направена конфузија. Класичен магионичарска трик.

Ситуацијата изгледа безизлезна, безалтернативна. Но, во корпоративниот свет има еден пристап кој вели “adversity presents an opportunity”, односно секој проблем или непогода истовремено претставува прилика за подобри решенија. Треба да се зграпчи овој момент и да се покаже на светот дека сме жилав народ, со свој идентитет, достоинство и држава. Само така можеме да бидеме рамноправни со останатите народи, без оглед на бројноста. Во спротивно, ако покажеме дека сме слаби и не се почитуваме себеси, нема да не почитуваат другите. Сега е моментот да се делува, бидејќи во иднина ќе биде далеку, далеку потешко. Само неодговорни луѓе оставаат зад себе поголеми проблеми отколку што наследиле.

Судбината е во наши раце. Прв чекор кон излегување од бездната пред која се наоѓаме е да се оневозможи успешен  референдум. Тоа ќе биде сигнал дека Македонскиот народ не се сложува со себе-укинување и дека сите чекори досега и понатаму нема да добијат легитимитет. Понатаму,

  • Нови избори под итно со цел ресетирање на состојбите во државата – безбедносниот систем, правниот систем, враќање на приоритетите кон економски политики, итн.
  • Ресетирање на етничките барања и очекувања.
  • Враќање на проблемот со Грција на ниво на правен проблем, решавање во ОН.
  • Поништување и пре-преговарање на договорот со Бугарија.
  • Поништување на законот за јазици. Попис на население.
  • Итна ревизија на работењето во судството воопшто, и конкретно околу политичките монтирани процеси
  • Соодветна одговорност на инволвираните во состојбите во изминативе години.
  • Дискусија за стратешките цели – разгледување на можност за напуштање на целта за влегување во НАТО, и барање на воена неутралност. Ова е потенцијално елиминирање на главниот адут за понатамошно блокирање на Македонија.
  • Скенирање на ситуацијата во ЕУ и соодносот на силите во европскиот парламент и комисијата после изборите во 2019та, и измените во начинот на одлучување (елиминирање на вето). Ова е потенцијална елиминација на вториот адут за понатамошно блокирање на Македонија.
  • Итн итн итн

Дали е можно ова да се изведе со постоечките политички констелации или треба корекција времето ќе покаже. Не е точно дека Македонските позиции се неповратно изгубени. Ова е дефетистички пристап. Имаме карти во рацете. На НАТО и ЕУ им требаме исто толку колку што тие ни требаат нам. Имаме заеднички интереси со земји и во ЕУ и надвор.

Ако погоре наведеното значи дестабилизација или финансиско-економски санкции кон Македонија, тогаш јавно ќе знаеме дека сме под закана/агресија од надвор. Многу важно.

Во оваа последна криза во Македонија излегоа на површина огромен број на слабости во системот и се виде доста од скриениот свет. Сега е моментот да се ресетира правниот систем, законот да почне да важи за сите – без оглед дали се обични луѓе, во политика, бизнис или невладини организации, македонци или припадници на малцинствата. Но ова ќе потрае, ако некој мисли дека со ваква економија ќе се намали драстично корупцијата се лаже.

Затоа економскиот развој мора повторно да биде на прво, второ и трето место на листата на приоритети. Инвестиции, домашни и странски, амалски или со висока стручна и додадена вредност. Сите се важни. Платите и правниот систем во голема мерка се средуваат со економијата. Тоа е клучот на се, се друго е демагогија. Можете ли да посочите држава која има ниска невработеност и висок БДП а да има високо распространета корупција и ниски плати? Не постои таква држава. Економскиот развој има позитивен повратен ефект подобрување на врз владеењето на правото и целокупното општество.

И да започне Македонија преговори со ЕУ во 2019та, што нема да се случи (уште една измама за лековерните), состојбите ќе почнат да се подобруваат само ако има внатрешни промени но и реална искрена поддршка од големи сили во ЕУ. Како на пример за Словенија. Лага е дека во државата на магичен начин ќе се појавеле позитивни процеси и економски просперитет мотивирани од ЕУ, а уште помалку од влез во НАТО, каде ќе треба да плаќаме 200 милиони евра годишно. Класични примери – Бугарија, која е крајно корумпирана после 15 години во НАТО и ЕУ, ниски плати и висока невработеност. Грција, која е членка на овие структури скоро 40 години, иста приказна, со катастофална економија и 25% невработеност. Хрватска, исто така големи проблеми. Демографски колапс, егзодус на младите во сите овие држави и други членки на ЕУ.

Критично е да се разбере дека во наредната деценија ќе ни биде потребно водство кое освен што ќе може да се справува со сите внатрешни предизвици, туку ќе може да ги менаџира состојбите во ситуација на глобални економско-финансиски, политички и социјални кризи од енормни размери кои се на прагот. Што мислите ќе се случува во Грција во текот на следната финансиската криза? Тотален економски и социјален крах. А што ќе се случува со лудачката кошула наречена ЕУ која е банкротирана економски пред се, но и морално и политички. Редефинирање?

Разбирливо е најчесто оправдано незадоволство кај граѓаните од состојбите, но и силината на пропагандата. Многумина се заведени и заспани на воланот што се вели. Ги има во партиите, особено во членството на СДС, во шарените, во невладините, медиумите, во неопределените или аполитичните лица, но и во “про-европската” младина. Овие луѓе носат огромна одговорност во овие моменти бидејќи беа најважни во процесот на демонтирање на претходната влада – ваква или онаква, факт е дека беше сменета за да се изврши ова самоубиство од заседа. Голем дел поединци во овие групи беа измамени, фатени на јадица, во своите верувања за правна држава и борба против корупција. Голем дел да не се лажеме немаат допирни точки со правда, туку се заинтересирани за својот личен интерес и услуги од “своите”. Значи не се воопшто различни од таквите поединци приврзаници на една или друга власт.

Оние кои се со искрени верувања и намери во овие групи мора да се свесни дека во овие моменти на своите плеќи носат историска одговорност за поправање на своите грешки во изминатиов период. Нема покултурен начин да се каже ова. А немаат воопшто тешка задача – само треба да ги отворат очите, и тоа веднаш.

Да покажеме на соседите и светот дека сме силен народ, со корени. Да покажеме дека сме им дале прилика да си ја пробаат среќата да удрат по наизглед најслабиот, но дека не им успеало. Ќе се помират со тоа – нема лутење, бизнис е бизнис. Да покажеме дека сакаме да имаме партнерски однос, со меѓусебно почитување во спротивно мантрата дека нема алтернатива ќе тргне кон минатото.

П.С. Поклонување кон сите што во моментот се предмет на политички монтирани процеси. Македонскиот народ ви е вечен должник.

Маријан Галевски МАКЕДОНСКИ

15/09/18

1 thought on “Окултна Измама за Македонците Дизајнирана од Волшебникот од Оз! – Пишува Маријан Галевски

  1. Браво г-дине Галевски.

    Долг е патот до директната демократија (или како што со право ќеркани ТањаК го номинираше/етаблираше како НЕПОСРЕДНА ДЕМОКРАТИЈА). Концепт/идеја која треба допрва да се фундира/тестира со алгоритми/практики. Како насушен пандан на убиената. Застапничката. Уште една оригинална Македонска светска премиера. Во зародиш.
    Се надевам дека ќе опстоиме на патот без бунтурогено разводнување. И покрај нацистичките методи на замолчување, прогон, поткуп и едукативна табула раза (“Шо ќе ти е идентитет без пари”). Кои се применуваат од краткорочната колонијална централа. Како на пример константното бомбардирање на Дудинка со непропорционална сила. Како само еден од блоговите кои ја триангулираат материјата.
    Почувствуваа цацковците дека се работи за Движење а не за локална минлива мода. Од пошироко/светско значење. Па од темните сокаци забиваат ножеви во грб. Засега скриени како темна материја. Со жртвени зајци, баби и бемки во видливиот спектар.

Остави коментар