Договорот склучен на 17 јуни 2018 година во Нивици крај Преспанско Езеро, таканаречен „историски“, не е склучен во име на Република Македонија.
Тој договор е склучен, како што стои во неговиот текст, меѓу грчката република и некоја втора страна за која не е наведено име, туку е опишана со број и со датум на актите. Република Македонија е држава со име во кое зборот Македонија е име на државата уште од АСНОМ во 1944 година – демократска, народна, социјалистичка, но секогаш Република Македонија, без никаква додавка меѓу Република и Македонија и која до 1991 година беше во состав на Југословенската Федерација, а од 8 септември 1991 година, државата Република Македонија е суверена и самостојна држава со свој Устав и закони, кои, според Уставот, секој е должен да ги почитува.
Според Уставот, меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија. Може и Владата, но само кога тоа е определено со закон. Министер, пак, и министер за надворешни работи, воопшто не може во име на Република Македонија да настапи како договорна страна во склучување меѓународен договор. Оттука, Преспанскиот договор не може да создава обврски за Република Македонија, како поради фактот што не е наведено името на државата Република Македонија како договорна страна, така и поради фактот што министерот за надворешни работи се потпишал на тој договор како овластен претставник на втората страна. Владата не можела да му даде овластување на министерот за потпишување таков договор, затоа што и Владата не е надлежна да склучи договор за промена на името на државата.
Погрешно е потпишувањето на Преспанскиот договор од страна на министерот за надворешни работи да се доведува во врска со потписот на министерот за надворешни работи ставен на Привремената согласност од 13 септември 1995 година, затоа што Привремената согласност е склучена во време кога во примена во Република Македонија сè уште беше Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори донесен во СФРЈ, кој престана да важи со донесување на Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори („Службен весник на РМ“ бр.5/98), во кој детално е уредена постапката за склучување меѓународни договори од страна на Република Македонија.
Освен тоа, во Привремената согласност, ниту, пак, во резолуциите на Советот за безбедност 817 и 845 не станува збор за промена на уставното име на Република Македонија. Промената на уставното име и негова употреба ерга омнес е „креативно“ прифаќање туѓи предлози од страна на оваа влада. Никој нема право за таква промена на името, па ни претседателот на државата за кој нема ограничување за склучување меѓународни договори. Ни тој нема право со друга држава да договара промена на уставното име на Република Македонија. Уставот не предвидел таква основа, а без уставна основа не може да се склучуваат меѓународни договори.
Склучениот меѓународен договор мора да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а Собранието може да го ратификува само доколку е во согласност со Уставот.
Затоа, господа пратеници, внимавајте, ваша должност е да го почитувате Уставот, се заколнавте на тоа, вие сте пратеници во Собранието на Република Македонија и вие може да ратификувате само меѓународен договор во кој како договорна страна се јавува Република Македонија и чија содржина е во согласност со Уставот. При одлучувањето за ратификацијата мора Уставот да ви биде водилка.
Преспанскиот договор не е договор на Република Македонија, читајте го внимателно текстот. Нашата држава – Република Македонија, ја нема во тој договор. А погледнете во архивата на Собранието и ќе видите колку многу меѓународни договори ратификувало Собранието и на сите стои името на државата Република Македонија. Зарем ќе ратификувате меѓународен договор во кој не стои Република Македонија како договорна страна.
Содржината на Преспанскиот договор не личи на договор, туку на еднострано дадени наредби од првата страна што мора да направи втората страна, за на крајот, втората страна откако ќе направи сè како што бара првата страна, може да очекува и да добие нешто на „подарок“. Наредбите, пак, што првата страна и ги дава на втората страна се грозни, недозволени во меѓународното право и со нив, меѓу другото, се крши Повелбата на Обединетите нации, а во преамбулата на договорот се повикуваат и на неа. Не верувам дека постои држава што такви наредби ќе прифати, а нам Владата сака да ни ги продаде како пат кон светла иднина.
На втората страна и се диктираат и постапка и содржина за измена на Уставот. Не може Уставот на Република Македонија да се менува по диктат на друга држава. Уставот на Република Македонија содржи одредби со кои е уредено прашањето за измени на Уставот. Според тие одредби, предлог за пристапување кон измени на Уставот може да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани. Но со предлогот не почнува постапката за измени на Уставот, туку за да почне постапка за измени на Уставот, Уставот предвидува Собранието на Република Македонија да донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот, а таа одлука се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.
Срамота и големо понижување за државата ќе биде ако Владата како свој предлог за измени на Уставот го поднесе Преспанскиот договор. Но, од оваа влада и тоа може да го очекуваме. Сепак, двотретинското мнозинство што Уставот го бара и за пристапување кон измени на Уставот, се надевам ќе го спречи тоа.
Но не смее да дојде ни до ратификација на Преспанскиот договор, а ако сепак, за пратениците поважни се интересите на туѓа држава од нашите национални интереси, тогаш надежта ни останува кај претседателот на државата, а потоа и во Уставниот суд, чија уставна должност е да го заштитува Уставот.
Зарем вреди, за датум за пристапни преговори со ЕУ и за зачленување во НАТО, кои се толку неизвесни, да се бара од Република Македонија и од македонскиот народ самоуништување како држава и како народ. А со Преспанскиот договор токму тоа се бара од нас. Да не го дозволиме тоа!
Пишува за Нова Македонија: Милојка Калкашлиева, судијка на Врховниот суд во пензија